Арсовски: Со денови се кријат ранг листите на проектите кои аплицирале преку „Еразмус+“

0
41

Навршува скоро една недела откако излезе скандалот со сомнеж за злоупотреба на пари во Националната агенција со која раководи Лидија Димова, а се уште нема никаков потег и чекор од страна институциите, рече на денешната прес-конференција, Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Лидија Димова се уште оди на работа и не дава оставка, се уште зема огромна плата, се уште се вози во две луксузни возила купени на лизинг од близу 100.000 евра и се уште постои простор да влезе и во друга афера и друг скандал од ваков тип“, предупреди партискиот портпарол.

Ставот на неговата партија е дека Лидија Димова треба да си даде оставка уште веднаш.

„Дополнително, 6 дена се кријат ранг листите на сите рангирани конкуренти за проекти кои што аплицирале преку Еразмус + програмата. Зошто Лидија Димова не ги објавува ранг листите на проектите да видиме кој правен субјект со својот проект со колку бодови ги добиле парите?“, запраша Арсовски.

Според него, Димова треба јавно да ги објави рангирањата и бодувањата на проектите за да се тргне сомнежот од рангирањата.

„Сепак, тоа не ја исклучува од целиот скандал каде што има сомнеж дека се проневерени пари. Само по себе е скандал што фризерница добива проект за медиумска писменост и едукација и неколку други проекти во вредност од над 270.000 евра, а не пак рангирањето кое дополнително фрла сериозни сомнежи на целиот процес“, нагласи претставникот на опозициската партија и ги повика надлежните институции час поскоро да започнат постапка за целиот случај.