Арсовски: Владата со повисоката цена на струја овозможува поголем приход за ЕВН од 20 милиони евра

0
278

„Владата на Заев прави богатење на енергетските компании на грбот на народот преку зголемување на цената на електричната енергија. Сведоци сме на состојба во која веднаш после завршување на изборите следуваше нов шок за граѓаните и зголемување на цената на електричната енергија за 7.4%“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, според секоја економска логика намалената потрошувачка на електрична енергија поради корона кризата, треба да значи и рационализација на трошоците кај сите енергетски компании, а не директно зголемување на цената за крајните потрошувачи, во време на криза товарот од кризата треба да го понесат сите чинители, а не само крајните потрошувачи, кои освен сиромаштијата на товар го имаат и здравствениот проблем со вирусот, кој никако не престанува да се шири. Значи целиот товар паѓа на грбот на граѓаните.

„Доколку цената на електричната енергија останеше иста, т.е. не се зголемеше, енергетските компании во 2020 година ќе оствареа приход од: 16.106.756.099 денари.Со зголемувањето од 7,4% овој приход за истата енергија ќе биде: 17.303.879.863 денари.Или разликата во остварениот приход поради зголемување на цената изнесува: 1.197.123.764 денари што претставува 19.370.935 илјади евра. Ова се парите од зголемувањето на цената на струјата кои ќе се слеат во енергетските компании, а ќе паднат на товар на граѓаните на Република Македонија. Односно скоро 20 милиони евра товар врз граѓаните.

Точно е дека „Корона“ кризата се одрази на целокупната економија во државата, па и на компаниите кои се занимаваат со бизнисот на електрична енергија. Но, истите тие компании предводени од власта на Заев и СДСМ што сė не направија во предизборниот период, со цел да се привлечат што повеќе гласачи на контото на СДСМ. Имено, објавија огласи за редовни и привремени вработувања на преку 1.000 партиски војници, за кои ВМРО-ДПМНЕ редовно ја алармираше јавноста. Овие партиски вработувања за жал само ги зголемија трошоците на и онака нерентабилните и троми енергетски компании, бидејќи најчесто се работеше за нестручен партиски кадар на СДСМ. Непосредно пред изборите се потрошија неколку милиони евра за да се подели т.н. К-15 во висина од околу 26000,00 денари за секој еден вработен. Воопшто не се потрудија да ги намалат загубите во работењето, а да го зголемат производството на електрична енергија. Се договараа тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола во четири очи, се празнеа акумулациите на ЕЛЕМ, се вработуваа секакви нестручни кадри во ЕЛЕМ и МЕПСО“, вели тој.

Според Арсоски, сето ова предизборно „дивеење“ на власта сега ќе треба да го платат сите граѓани.

„Постои оправдана причина јавноста да се сомнева во постапките на регулаторот, кој треба да е целосно независен и одвоен од власта. За жал со доаѓањето на СДСМ на власт, независноста на ова тело се наруши, бидејќи наместо стручност и компетентност, единствен критериум за избор е партиската припадност и послушноста кон Зоран Заев.Од таа причина предлагаме да се отповикаат Одлуките за зголемување на цената од страна на РКЕ, кои направија хаос во енергетиката и економијата“, додава Арсовски.