Австралија ја продолжи забраната за патување за уште три месеци

360

Австралија објави дека ќе ја продолжи забраната за патување за уште најмалку три месеци за да ја заштити земјата од ширење на коронавирусот.

Ограничувањата за посетителите од целиот свет беа воведени во март, а на Австралијците и постојаните жители исто така им е забрането да ја напуштаат земјата, освен ако не им биде изречено изземање.

По совет на австралискиот здравствен орган AHPPC, министерот за здравство, Грег Хант, изјави доцна синоќа дека забраната ќе биде продолжена најмалку до 17 декември.

„AHPPC наведува дека ситуацијата со Ковид-19 продолжува да претставува неприфатлив ризик за јавното здравје“, рече Хант.

Пратениците од опозицијата остро ја критикуваа одлуката, велејќи дека владата го игнорира прашањето за 23.000 Австралијци кои останаа во странство. Портпаролката на лабуристите за внатрешни работи, Кристина Кенели, го обвини премиерот дека ги напуштил луѓето.

Според податоците објавени денеска, во Австралија починале 737 лица како резултат на Ковид-19. Последниот број на заразени случаи пријавени од Министерството за здравство е 26.049.