Баварската машина не признава милијарди – Баерн со шеста европска ѕвездичка

0
324

Баерн Минхен го совлада Пари Сен-Жермен во необичното финале на Лигата на шампионите 2019/20, оддржано без публика во Лисабон, за да ја забележи својата шеста европска титула и прва по 2013 година, и во исто време да покаже дека милијардите потрошени од катарските газди на ПСЖ не значат многу во големите мечеви.

Во интересен меч на „Луж“ во Лисабон, недостасуваа само повеќе голови, но Баварците беа доволно концентрирани да стигнат до победнички гол во второто полувреме, иронично, дело на поранешен фудбалер на ривалите, Кингсли Коман по совршената топка од Џошуа Кимих. Ѕвездите на ПСЖ како Нејмар и Килијан Мбапе беа опасни пред голот на Мануел Ноер, но на крајот ќе мора да се задоволат само со својот прв настап во големото европско финале по три елиминации во четврт-финалето.

Баерн и пред фајнал ејт турнирот во Португалија беше сметан за еден од фаворитите за титулата, но по неверојатната и незаборавна 8:2 победа над Барселона, многумина сфатија колку е опасна „машината“ на Ханси Флик, тренер кој беше донесен да ја „среди мешаницата“ која ја остави Нико Ковач во тимот, и на крајот ја завршува сезоната со троен триумф – Бундеслига, ДФБ купот и Лигата на шампионите.

Без некои големи ѕвезди во тимот, ако не го сметаме полскиот ас Роберт Левандовски, Флик успеа да направи неверојатна низа – тимот не е поразен во последните 30 мечеви и тој има вкупно 33 победи во 35 меча, со едно реми и 2 порази. Во овие мечеви Баерн има просек од неверојатни 3.3 голови по меч (вкупно 116 гола) и само 26 примени голови (0.7 по натпревар). Во ЛШ, Баерн има 11 победи во 11 меча и 43:8 гол-разлика!

Од другата страна, ПСЖ мораат да бидат охрабрени од својот делумен успех во Лигата на шампионите, стигнувајќи каде што досега не биле, иако сега повторно ќе почнат да се вртат шпекулации околу тоа кој ќе замине од „Паркот на принцовите“ и дали се потребни и нови фудбалери за остварување на крајната цел.