Бездомните кучиња не може да се стават во „резeрвати“ по планини

0
179

Колумна на Радмила Пешева:

Многу, многу работи се спорни и неприфатливи во она што градските власти го предложија во годишната Програма за работа на Јавното претпријатие за хуман третман на бездомните животни „Лајка“. На пример, се воведува нејасна можност за стационирање на кучињата во „резервати“, а што не ми е познато дека се прави во некоја европска земја. Претпоставувам дека таков „резерват“ би бил во шума или планина и со што кучињата би биле изолирани. Тоа е класично нарушување на балансот во природата, нарушување на еколошките стандарди. Кучињата по својата природа живеат таку каде што е човекот, не изолирано. Кучињата, едноставно кажано, не се за шума.

Заловувањето на кучињата не може да се врши само во период од 01.00 – 06.00 часот. Такво заловување „кога никој не гледа“ индицира дека се прави нешто насилно и нехумано. Кога грѓаните ќе имаат доверба во ЈП „Лајка“ самите ќе помагаат да се третираат и маалските миленици. Не се потребни ниту бројни и скапи тестирања на животните што се предвидуваат кои ќе чинат доста пари. Ако сето тоа се спроведува во „Лајка“ ќе се нема време да се вршат ниту десетина кастрации и стерилизации на кучиња месечно. А тој процес е најважен во решавањето на овој проблем и клучен за намалување на бројот на бездомните животни.

И, секако, најголема апсурдност: хуманите граѓани кои што се грижат за бездомните кучиња да можат да бидат казнувани. Тоа произлегува од одредбата со која ваквите граѓани, кои доброволно ги хранат и на друг начин се грижат за кучињата, се иззедначуваат по одговорноста со сопствениците на кучињата. Па така, тие ќе треба да одговараат, на пример, за штетата која евентуално би ја направиле бездомните животни за кои тие се грижат. Како да се заборавило дека тие луѓе прават нешто хумано. Треба да се воведе статус “Старател на бездомни животни“ бидејќи тие лица се фактори на намалување и контрола на бездомните животни а не на нивно зголемување. Тие и помагаат на заедницата.

Се на се, на Програмата на ЈП „Лајка“ и треба сериозна доработка.