Борисов негативен на коронавирус: „Ќе го пречекам Заев и ќе го одржам самитот“

0
46

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, соопшти дека добил негативен резултат на вториот ковид-тест и денеска ќе го пречека македонскиот премиер Зоран Заев на самитот на Берлинскиот процес во Софија.

„Негативен сум на Ковид-19. Така покажа вториот последователен тест. Во согласност со наредбите на здравствените власти, ќе го пречекам премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и ќе го одржам самитот на Берлинскиот процес“, напиша Борисов.

Заев утрово замина за Софија, каде што заедно со Борисов ќе претседава со самитот. Свои обраќања ќе имаат канцеларката на Германија, Ангела Меркел, на чија иницијатива почна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.

На пленарната сесија на самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес се очекува да земат учество лидерите на земјите од Западен Балкан како и заменик-претседателот на Европската комисија, Борел, и еврокомесарот за соседство и проширување, Вархељи.

Лидерскиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија ќе заврши со заеднички изјави за медиумите на копретседавачите, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.