Царовска до наставниците: Вие сте најважната алка во образовниот процес

0
46

Признанието просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година го добија професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка, Марјан Радески од Охрид и педагогот Маринела Бошева од Скопје. Министерката за образование и наука, Мила Царовска, честитајќи им на наставниците што со својот труд, креативност, иновативност и посветеност кон децата вклучени во училишно и предучилишно образование оставиле посебен белег, им посака и понатаму да останат високо мотивирани за работа и креативни.

„Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето квалитетен образовен систем и кон создавањето генерации што ќе гарантираат добра иднина за нашата држава“, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Особено важно е во услови на пандемија просветните работници да не покажат слабост и немоќ, туку со целиот свој капацитет да се заложат воспитно-образовниот процес непречено да се одвива и во вонредни околности какви што сме немале никогаш досега.

„Затоа, просветните работници се и најважната алка во образованието. Како министерка за образование и наука, ќе продолжам да се борам за унапредување на дигнитетот на професијата наставник и секој што избрал да биде учител на нашите деца, да го добие местото што и го заслужува“, нагласи министерката Царовска.

Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветните работници, истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници, кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

„Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност, самите просветни работници одлучуваат кому ќе му го доделат признанието“, рече Николовска-Георгиевска.

На средбата беше истакнато дека секое решение во образованието се креира преку инлузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците. Министерството за образование и наука со поддршка на просветните работници ќе продолжи и во периодот пред нас затоа што од личната мотивираност и желба за работа на секој наставник најмногу зависи какви генерации ќе создадеме.