Поранешниот играч од средниот ред на Барселона, Чави Ернандез, во разговор за весникот Icon изјави дека во јануари годинава од клубот му се јавиле да го преземе кормилото на Барса по отказот на Ернесто Валверде, но тој ги одбил поради „институционални проблеми“.
„Моментно се крева голема врева за клубот, постојат голем број проблеми што не се поврзани со теренот и затоа сметам дека не е вистинското време да се вратам. Во јануари годинава од клубот ми се јавија да го преземам кормилото и по тоа, веќе никој не ми се јавил“, рече Чави ,кој моментно е тренер на катарски Ал Сад.
„Среќен сум што и понатаму стекнувам искуство, а секако дека еден ден би сакал да сум тренер на Барса“, додаде Чави.
Тој упати порака до претседателот Жозеп Бартомеу што побргу да му го продолжи договорот на капитенот Лео Меси, кој истекува за една година.
„Меси заслужува нов договор, тој би требало да има клаузула за автоматско продолжување. Меси ѝ треба на Барса и Барса му треба на Меси. Клубот мора да го направи среќен за да носи уште повеќе трофеи. Сè уште е на врвно ниво како физички така и тактички и технички“, заклучи Чави.