Дали нашите министри влегоа во НАТО само за по дома да се фалат со тоа?

0
364

Авионите на НАТО не надлетаа денеска. Не потсетија дека сме во НАТО. Добро е тоа, бидејќи власта на тоа заборави, освен кога се фали дека имаат столче во воениот сојуз.

Македонија влезе во НАТО, ама нашите власти не направија ништо особено за да го заслужат рамноправното место во друштвото. НАТО е солидарност и соработка – отворени граници, но НАТО бара посветеност, способност, работа. Взаемната соработка треба да се заслужи и одработи. Во спротивно ќе бидеш третиран како потрчко, подлизурко – нерампоправен со нив, иако те примиле во друштвото.

Последните десетина дена, додека власта се подготвуваше да објави победа над короната, НАТО државите од регионот соработуваа. На нашата власт очите и се насочени само во брзи избори, покажувајќи огромна нервоза, страв  и отсуство од процесите!

Прво, минатата недела Грција, Бугарија, Романија и Србија на состанок одлучија заемно да ги отворат границите за своите државјани. Три НАТО земји плус Србија. Македонија (НАТО земја) никаде ја нема. Не е повикана. Не е важна за нив. Каде е тука НАТО солидарноста и соработката. Но не е до НАТО, до нашите големи НАТО-вци е.

Второ, Црна Гора (исто така НАТО) одлучи да ги отвори своите граници за сите држави, освен за Србија и за Македонија. За Србија и донекаде е разбирливо, заради црковниот спор што во последниот период експлодира. А каде е Македонија во приказната – колатерална штета, за да не биде очигледен потегот на црногорските власти дека само за Србија се границите затворени. Зарем нашите власти не можеа да остварат поголема соработка со Црна Гора: братска држава од екс Југославија, парнер во НАТО? Нејзиниот морски брег нам ни е потребен, но очигледно ние не сме им потребни. Или нашите власти не направиле доволен напор за да го продлабочат пријателството.

Трето, Албанија ќе ги отвора границите за соседите, ама само за Албанците од Македонија. Каде е тука соработката на две НАТО земји? Можеби е и лажна вест, како што ни соопшти потпретседателот на Владата Бујар Османи. Ама од Претседателот Пендаровски или министерот за надворешни работи Димитров, збор не чувме. Толку ли не си оставија простор, да свртат телефон до Тирана и да прашаат за што се работи? 

Четврто, пред десетина дена Грција го повика нашиот министер за здравство да му ги соопшти протоколите за премин на границата. Македонија е копнениот влез на Грција за туристи од Европа. Особено им се важни српските туристи. Успеа ли нашиот министер, нашата Влада да добијат некаква поволност за македонските државјани, за бизнисот, за полиберален влез во Грција до плажите и до пристаништето во Солун. Не добивме таков одговор.

Петто, пред десетина дена и Унгарија ги отвори границите за земјите од ЕУ плус Србија. Македонија е ставена на страна. Кој е виновен за тоа? Имаме одлична релација со Унгарија – пријателска држава, партнер во НАТО и наш промотор во ЕУ. Плус нивните полицајци се на нашата граница со Грција за да ни помагаат со мигрантите. Ама кога нивниот министер за надоврешни работи дојде во Македонија да ни донесе пријателска помош, министерот наш, наместо да го дочека како пријател на аеродром, го прими во кабинетот со маска на фацата и средбата ја претвори во строго протоколарна. Ладен пречек за пријателот!

Шесто, вчера слушнавме дека и на Хрватска не и се омилени Македонците за влез! Колку од ова ќе имаат штета македонските граѓани, доколку под итно не се излобира Хрватска да омекне, ќе покажат следните неколку месеци. Ама како да се лобира, кога баш сега, висок македонски административец на социјалните мрежи ја навредуваше Хрватска?

Има за набројување уште и тоа поболни теми за Македонија. Не можеше ли да се превенира ова? НАТО ни нуди многу можности, но за жал, нашите власти не се кадарни да го зграбат тоа. Дали нашите министри влегоа во НАТО за по дома да се фалат? Има ли некој наш министер можност едноставно да побара на телефон свој колега од регионот? Имаат ли вопшто каде да се јават? 

Некој ќе рече- до короната е. Па нели сме лидери во регионот по справување со пандемијата? За жал од се ова ќе трпат македонските граѓани, стопанството, туризмот… цела Македонија.

НАТО е убава приказна, ама ако вака се однесува нашата власт, за жал ние никогаш нема да можеме да ја раскажуваме, и понатаму ќе бидеме публика кога некој друг ќе ја раскажува.

Колумна на Никола Тасев