Додека и угодуваат на Бугарија, Македонија ќе се испразни

49

Колумна на Никола Тасев: 

Помина еден месец од оваа година, а во политиката се е исто како и во претходната, која беше многу лоша, а власта ветуваше подобрувања. Наместо тоа, премиерот и министрите не се симнуваат тв екраните и си ја тераат истата песна: промена на Устав мора…, Бугарија бара.., двотретинско мнозинство бараме…, во ЕУ сигурно во 2030 влегуваме…  А народот се надеваше дека со смената на годината, власта ќе ги смени и стиховите: Македонија, Македонија, Македонија, развој, реформи, инвестиции, повисок стандард… Ама таа не го менува репертоарот. Навикнати им се овие стихови. Башка и голем аплауз добиваат од странците. Често и на бис се повикувани. Затоа не им е битно каква песна сака да слуша народот, оти ним аплаузот народен ништо не им значи. Владините песнопојци ги наштимале гласните жици само за да им угодат на Бугарите и на пријателите од Брисел.

А додека народот чека други тонови – трпи, ама и наоѓа чаре – па се иселува до Македонија, каде што нема вакви политичари песнопојци. Последните вести од почетокот на второто полугодие се драматични: околу 150 ученици од Штип, Кочани и Кавадарци не се појавиле на првиот школски час во јануари. Ама таа вест, некако се појави и исчезна без поголем интерес. За повеќето медиуми позабавни беа песните што ги пеат Маричиќ и Османи.

Да повторам: околу 150 ученици од Штип, Кочани и Кавадарци не се појавиле на првиот школски час!!!

Еј, не ги споменувам помалите и понеразвиените градови, туку овие каде што во македонски рамки подобро се живее. Тоа се стотина фамилии кои, во само неколку месеца, трајно заминале од Македонија. Родителите на тие деца се уште се млади и работоспособни – ќе творат во други држави, а децата ќе ја заборават Македонија. Затоа што и нивните роднини веќе се отселиле или ќе го направат тоа кај и да е. Нема каде да дојдат на гости, да си го видат домот каде што се родиле. Трајно ќе ја прекинат врската со татковината. Во песните само ќе се сеќааваат на Македонија.

Има ли песна што ќе го спречи ова? Таа песна сакам да ја слушнам од министрите! Ама тоа не им се пее. Тие стихови не ги знаат.

Се согласувам дека членството во ЕУ е стратешки приоритет, но не е единствен. Македонија во моментов има многу поголеми приоритети за решавање на егзистенцијалните проблеми. Иселувањето е еден од нив.

А решение за ова има, особено ако се погледнат причини за иселувањето. Навистина економската е главна, ама не е единствена. Оти луѓето се општо незадоволни од квалитетот на живот и системот на изместени вредности, каде што партиската припадност е светост. Од здравство до образование, од школување до вработување, од наградување до казнување… се е по партиски клуч. Обичен чистач не може да се вработи, ако не добие согласност од локалниот партиски комитет. А што да кажеме за раководните места. Лек за болно дете не може да се добие или упис во градинка, ако не се сврти телефон кај некој „голем“ од партијата на власт.  Тие – партиските шефови ја дрмаат државата.

Ете затоа народот (и Македонци и Албанци и Турци…) се иселуваат – сакаат понормален систем каде што ќе им се развиваат децата, каде што ќе се цени квалитетот и ќе се пружа шанса за сите без разликата од која партија, од која националност или од која вера се. Бегаат од систем кој е ограничен со партиска припадост, а по ново и со „рамковен“ клуч.

А богатите, развиените, нормалните држави од Македонија добиваат свежина, младина, интелегенција, готови стручни кадри, но и работна сила.

Македонската влада не прави ништо да го запре тој процес. Не правеше ниту претходната, ниту пак таа пред неа. Се расфрлаат со некакви проекти, кои се забораваат веднаш по прес- конференцијата на која се најавуваат. Бројни пишани проекти во изборните програми, кои не само што не ги реализираат кога ќе ја земат власта, туку не се ни потрудуваат да ги прочитат за време на своето владеење.