Дошле, откорнале летниковец, го запалиле… има и сведоци – ама нема казнети

622

Има ли поголем ефект од градските инспектори кои на терен треба да ловат уништувачи и потпалувачи на заедничките добра во околината? Ако судиме според бројките и немилите настани во Скопје, одговорот е не. Еве последен рушачки настан се случи пред некој ден во паркот кај последната станица на автобуската линија 5 во скопско Ново Лисиче – уништен е еден од најновите летниковци. Неодамна е поставен, а не издржа долго. Неранимајковци му ја откорнале клупата, потоа ја запалиле.

-Вложиле голем напор да откорнат забетонирана маса од летниковец, но тоа не било доволно, па ја запалиле заедно со пластична канта за ѓубре“, раскажуваат жители на Ново Лисиче кои сведочеле на безобразниот однос на сограѓаните. Дали сторителите се фатени? Не! Дали некој е казнет? Не!

Се прашуваат зошто инспекторите и сите други надлежни не реагирале? И ова не е прв пат. Речиси секојдневно слушаме за запалени контејнери, за уништени реквизити на летниковци во парк шумата Гази Баба, за уништување на реквизити на детски лулашки, и за слични други злодела на несовесни граѓани. Ама речиси никогаш не слушаме дека некој е санкциониран.

Иако Град Скопје и другите општини ги споија силите во заедничка инспекциска служба, минатата година, токму заради поголема ефикасност, скопјани не гледаат промена.
-Ниедно нешто што ќе се направи со цел повеќемина луѓе да го уживаат не дотрајува кај нас. Ние сме како под постојана пресија да уништиме што ќе создадеме. И никој за тоа никого не казнува. Инспектори, се слушаме?! – коментираат скопјани.