ЕУ пак ни покажа дека многу не сака, ама ние не ја разбираме

47

Западен Балкан е дел од развиена и демократска Европа…; Македонија е се поблиску до ЕУ…; Брисел прави се да покаже дека не го заборава Западен Балкан…; Уште малку и Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ…; вакви реченици изговорени од евробирократите слушаме скоро секојдневно. Но, што гледаме потоа?

Гледаме дека истите тие ни праќаат нови услови, нови барања, нови одлагања на датумот кога ќе ни дадат датум кога ќе ни кажат кога ќе ни дадат датум… Па потоа кога малку ќе покажеме разочараност или не исполнуваме нивни желби пак ќе ни кажат: Многу ве сакаме, вие сте дел од нашето семејство…

Деновиве на ред дојде пак нешто да ни покажат:

Пополнување на пријава, онлајн испраќање, уплата на 7 евра, чекање на одобрување… Вака од наесен следната година ќе изгледа патување од Македонија во некоја од земјите на ЕУ. Така ќе било за сите земји на подрачјето на Западен Балкан.

А само што не учеа дека „Отворен Балкан“ треба да учи и да ја спроведува отвореноста на ЕУ. Сепак, дали ова полека наликува на воведување на визен режим иако таквиот збор од Брисел не се употребува?

Немаше позначаен собир на ЕУ, а посебно на собирите меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, а да не беше потенцирана големата почит и разбирање кое во Брисел се негува кон приемот на овие држави.

– Сакам да им порачам на граѓаните на Западен Балкан, Украина и Молдавија дека тие се дел од нашето семејство, иднината на нашата Унија. Без нив нашата ЕУ не би била целосна, истакна во септемвриското обраќање пред Европскиот парламент претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Такви, слични, пораки се добиваа и од други актуелни и поранешни еврофункционери – Борел, Вархеји, Хан, Могерини…

Кога тоа го слушаш не може, а да не се запрашаш: Дали ние овде во Македонија всушност не ја разбираме почитта и пријателството кои ни ги искажува ЕУ? До нас ли е што не можеме јасно да видиме дека Брисел ни мисли добро, дека навистина посакува да бидеме заедно?

Да, има во Македонија и некои кои гледаат подалеку од нас просечните, ама овој пат и таквите бараат одложување на бриселската одлука.

-Западен Балкан направи многу за Европската Унија и мислам дека треба во најмала рака да се одложи оваа одлука, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Да се одложи?

Не, таа одлука треба веднаш да се стави настрана засекогаш. Тоа треба да го бара македонски министер.

Па нели ни ветуваат дека за неколку години ќе станеме членка на ЕУ? А ваму треба пак да молиме, аплицираме, да плаќаме 7 евра за да ги посетиме и таа дозвола ќе ни трае 3 години…

Сепак, има време ќе се разбереме меѓусебно, кој што сака, кој што кажува и кој што прави.