Градинките ги отворија вратите за децата, што ќе направат директорите на училиштата?

0
41

Од денеска детските градинки во земјава повторно ќе ги примаат сите деца а штрајкот на вработените во основните и во средните училишта продолжува. Ова е епилогот на вчерашната одлука на Советот на СОНК кој реши прекинот на наставата да продолжи се додека не се најде прифатливо решение во преговорите со Владата. Штрајкот во детските градинки е ставен „во мирување“ во интерес на родителите, но и стопанството кое трпи поради неможноста за згрижување на децата.

Со ова прекинот на наставата кој почна на 11 април е во трета недела од своето траење откако синдикалците ја одбија и најновата понуда на Владата платите да им се зголемат за 12 проценти. Таквиот став, со кој се бара зголемувањето да изнесува 18,4 проценти, вчера го поддржаа 388 од 480 синдикални организации во земјава.

-Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и средното образование. Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот и Владата, изјави вчера синдикалниот лидер Јаким Неделков.

Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година.

По одлуката на СОНК, да продолжи штрајкот, реагираше министерот за образование и наука Јетон Шаќир, кој нагласи дека зборот на СОНК не издржал ниту едно деноноќие. Тој, на неговиот Фејсбук профил посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта. Шаќири ги повика директорите на училиштата денеска да организираат настава, оти во спротивно ќе одговараат. Министерот ги повика и родителите да ги однесат утре децата во училиште оти премногу настава е изгубена.

-Ги повикуваме директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите. Исто така, ги повикуваме и родителите и старателите на учениците од утре да продолжат да ги носат своите деца на училиште. Тие се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат  многу да помогнат во нормализирањето на состојбите, објави  министерот Шаќири.