Хаос во матично, директорот правел притисоци да не се штрајкува

238

Претседателот на синдикатот на Управата за матични книги Тони Милошески, за Слободен печат тврди дека директорот на Управата, Блерим Абази, од утринава прави притисоци да не се одвива штрајкот кој е почнат во институцијата и го поддржуваат сите 500 вработени.

-Им се јавува на раководителите да им врши притисоци, за тие потоа да им вршат притисоци на вработените под нив. Вели дека тие што не биле дел од Синдикатот, немаат право да штрајкуваат и треба да работат. Меѓутоа не е така, правото на протест е уставно загарантирано, независно дали некој е или не е дел од синдикат, вели Милошески за Слободен печат.

Слободен печат цело утро се обидува да стапи во контакт со директорот Абази, но тој не одговара на нашите повици и пораки.

Околу 500 вработени во Управата за водење матични книги во сите регионални канцеларии ширум државата, од денеска не работат, иако се на работните места. Странки не се примаат, граѓаните не можат да извадат лични документи, изводи од родени, изводи за слободна брачна состојба, венчаници ниту пак да запишуваат починати лица.

Граѓаните се информирани за штрајкот па не ни доаѓаат во канцелариите на управата, иако револтот на социјалните мрежи од тоа што не можат да извадат документи е голем.

Синдикатот на УВМК бара покачување на платата линеарно, носење на колективен договор со кој што ќе им се зголемат примањата за 30 проценти како и да им се признаат звањата на вработените, така што ќе бидат распределени на позиции во институцијата според својот стаж.

Од Синдикатот за Слободен печат велат дека е срамота што има вработени кои земаат плата под минималната, од 14.700 денари, иако работат исклучително одговорна работа и секој документ го потпишуваат лично, а не нивниот шеф, што значи дека самите се кривично одговорни за тој документ. Исто така вработените во УВМК имаат одговорна работа и затоа што располагаат со лични податоци на граѓаните, а документите издадени оттаму, може да завршат пред сите домашни и меѓународни институции.