Хронично болните од 23 сетптември се враќаат на работа, освен оние кои ќе добијат потврда од специјалист

0
229

Вработените лица кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести, односно, почнувајќи од 23 септември 2020 година (среда), треба да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи, одлучи Владата на седница.

Исклучок од ова ќе бидат само пациентите кај кои болеста е во фаза на егзацербација (влошување) и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување, согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување.

Од Министерството за здравство претходно информираа дека за таа цел пуштени се дополнителни термини во „Мој термин“ и е-амбуланта, а доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

„Со ова ќе се овозможи секој пациент кој навистина треба да биде ослободен од работа да посети специјалист и да ја добие соодветната потврда“, велат од Министерството.

Станува збор за широка категорија и за да се избегне злоупотреба на системот, лекарот специјалист врз основа на својата експертиза и состојбата на пациентот ќе процени дали тој може да се врати или ќе добие потврда дека е ослободен од работа. За потребите на системот, направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и значително се олесни процедурата со која се овозможува лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од 6 месеци.

„Со препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата и натаму ќе бидат заштитени најризичните категории. Според одлуката, оние кои навистина треба да бидат дома, остануваат дома и целосно ќе се избегне злоупотреба на системот. Согласно истата одлука, ослободени од работа ќе бидат и бремени жени до крајот на годината, односно до 31 декември“, додаваат од Министерството.