И планинарењето доби такса: По 200 денари за качување на врвот на Галичица!?

0
270

Збунетост и револт искажуваат граѓаните кои деновиве го посетиле Националниот парк Галичица и кои морале да платат по 200 денари за искачување на највисоката точка на планината врвот Магаро. Вакво искуство вчера на социјалните мрежи го споделила скопјанката Евгенија Здравевска која, заедно со своите пријатели, морала да ја плати таксата за престојот на врвот.

-Вчера наутро на местото кај што вообичаено се поаѓа кон највисоката точка на Галичица, врвот Магаро 2255 н.м.в, наместо со радост, екипно тргнавме со неколку стотки полесни и со многу чемер со себе. Млад дечко, вработен за плата и слушање наредби, излезе од кола спремен со фискален апарат и покрај нашите негодувања, кажа: Извинете, знам, не можам ништо да сторам, јас сум само вработен“ И со кренати раменици и свесен и усрамен дека прави компромис со своите морални и етички вредности, ни наплати по 200 денари од човек за искачување на врвот Магаро. Со услови дека ако немаме да платиме не смееме кон врвот, напиша ЕвгенијаЗдравевска на Фејсбук.

На прашањето зошто мора да се плати ваквата такса тие добиле одговор дека парите се наменети за користење ресурси и за движење во Национален парк.

-Ајде да е некоја симболична сума, ќе замижевме ама ни повеќе ни помалку половина просечна дневница на еден вработен во државата? А ние невработените? А тој што денес немаше од ранецот да извади? Нема спорт за нив, дома ќе си седат. И оваа појава и лош пример е само на Галичица, зошто до сега никаде, никој во и надвор од државава не ни наплатил за искачување на врв, дури ни таму каде се плаќаат дневници на ренџери кои вистински се грижат за парковите и дејствијата внатре – што кај нас е квантна физика. Следно, за воздухот да ни наплатите, зошто од ова нема што друго понатака. Само недишење, пишува во постот.

Најзината објава предизвика и реакции на други граѓани. Некои наведуваат дека „секаде во светот се наплаќа влегување во национален парк“.

-Ова не е плаќање за влез, влезот башка се плаќа, од 30 до 50 денари по човек. А патот е еден куп дупки и одрони, одговори еден граѓанин.

-На ниеден врв во Словенија не се наплаќа. Син ми лани беше на Мон Блан, и таму не се наплаќа, наведе друг граѓанин.