Јанушев: Да се вратат на работа 40 илјади невработени, во спротивно народот го бара мандатот назад

0
223

Зоран Заев наместо со решавање на проблемите на граѓаните, кои во огромна мера се резултат на неодговорното владеење на неговата старо-нова власт, се занимава со театар и гол популизам, обвини во изјава генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, и додаде дека Заев не може да решава проблеми, затоа што тој е изворот на истите.

Јанушев во своето излагање се задржа и на, како што рече, повеќе порблеми за кои граѓаните му даваат мандантно писмо на Заев, со барање за нивно најитно решавање.

– Да ги врати назад на работа 40-те илјади кои изгубија работни места во ковид-кризата, поради лошите и ненавремени економски мерки;
– Да им помогне на лозарите кои во ек на бербата на грозјето не знаат дали воопшто и по која цена ќе биде откупено нивното грозје;
– Да се врати старата цена на струјата, затоа што има скапа струја, а сиромашен народ;
– Да се намали цената на бензините преку укинување на зголемената акциза;
– Да се обештетат сто процентни измамените штедачи од „Еуростандард банката“ и да се открие кои компании од Струмица се примачи на кредитите без покритие;
– Одговорност за министерката на Заев, Нина Ангеловска, која за разлика од илјадниците други граѓани на време си ги извади парите од „Еуростандард банка“;
– Апсолутна правда за сите, да се тргнат рацете од судството и обвинителството;
– Веднаш да се реши проблемот со децата во градинките кои поради ковид-кризата се изложени под ризик и за кои нема соодветни адекватни просторни услови за згрижување;
– Да го видиме планот за колапсот што се случува во образованието, Република Македонија е една од ретките држави каде доцни стартот на учебната година, a кризата која трае од март ги изненади владините институции, кои, за жал, сè уште немаат никаков план;
– Филипче да замине од Министерството за здравство затоа што неговата неспособност ја плаќа народот со своето здравје и живот;
– Заев да престане да раздава стотици илјади денари државни плати, бидејќи народот нема за леб;
– Заев да престане да троши милиони евра за набавка на скапи и луксузни автомобили, бадеми и лешници затоа што сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно;
– Да ги разјасни десетиците нерасчистени убиства, палење на домови и автомобили;
– Да престане да дели криминални тендери во еден хотел во Источна Македонија;
– Конечно, да се удри мафијата која денес е едно исто со власта, почнувајќи од Заев па сè до постапки за Ден Дончев и „Диjамед“, за Рашкоски и Леонардо, за функционерите со кокаин, за градоначалникот шверцер на цигари и сите останати, а не се малку, наброја Јанушев.

Како што рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, овие барања, ова мандантно писмо од граѓаните, Заев мора итно и неодложно да го спроведете до крај, бидејќи во спротивно народот го бара мандатот назад.