Каков е лидерот – таква е и лидерската средба

51

Колумна на Никола Тасев:

Ја утна ли премиерот Ковачевски со лидерската средба, како што ја утна и со изјавата по неа? Зошто беше потребна лидерска дружба, кога е очигледно дека беше неподготвена, без претходно усогласени заклучоци и без јасна цел?

За да се сликаат ли, за да испијат по некое кафе и на крај секој пак да си остане на своето: позицијата ќе си кажува дека уставните измени се неопходни, а опозицијата дека нивните пратеници нема да ги поддржат. Па тоа јавноста го знаеше и пред средбата.

А за говорот на премиерот по средбата треба ли да се искоментира нешто? Цела јавност чекаше да види што се договориле, а тој календарски не потсети на сите битни датуми од 2001 година кога се потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ до денес – како на час по историја, говор, најверојатно напишан уште пред да се одржи средбата. Однапред си знаеле дека нема што друго да каже! Затоа ли за решенијата од средбата и не кажа многу?

Но тоа што не кажа ништо конкретно и не е толку битно, затоа што се навикнавме од владините функционери да говорат, а притоа ништо да не кажуваат. За јавноста треба да е побитно она што го кажа. А тоа е потврдата од негова уста дека, сега, европскот пат на Македонија зависи од нас самите. Јасно е дека сега нема да е Бугарија таа што ќе го блокира отварањето на преговорите со ЕУ, туку ние. Замислете наслови на европските медиуми: Македонија сама на себе си стави вето на отворањето на преговорите со ЕУ. Нормално ако не се изгласаат во Собранието уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот. Е па ако е така, зошто брзаа да влезат во бугарско – француската замка, кога летово на сила го туркаа усвојувањето на преговарачката рамка, иако повеќе од 90 отсто од Македонците се изјаснуваа против? Не беа ли свесни тогаш во каква стапица ја ставаат главата на Македонија? Или им беше побитно да ја спасат својата, а за главата на државата потоа некој друг нека му мисли.

Ете тоа се лидери што закажуваат лидерска средба.

За владеачката СДСМ важно беше да се одржи ваква средба демек се придвижува нешто напред. Битно беше и на присутните да им се подметнат заклучоци од средбата, кои никој не ги видел пред тоа, ниту пак биле усогласени меѓу лидерите претходно. Си продолжува СДСМ да владее во истиот стил: ние водиме, а вие мора да не следите. Па макар и тоа водство да ја носи државата во бездна. Тоа за нив е национално обединување.

Оттука и не е баш најјасно што бараше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на таа средба! Да покаже кооперативност? Страв му е од критики дека блокира? Епа треба и тој да разбере дека ако се гледа како иден водач на државата, некогаш ќе мора да делува и различно од она што од него го очекуваат власта, експертите, дипломатите… туку ќе делува како народот мисли. А народот јасно кажа дека е против разговори за уставни измени во сегашниов контекст кога македонското малцинство не се признава во Бугарија. Голем дел од народот очекува од него поголема решителност па дури и напуштање на Парламентот. Тоа и не е лоша идеја ако сите гледаме дека во Собранието СДСМ и ДУИ почнуваат да си „пазарат“ нови пратеници за двотретинско мнозинство.

И да се вратам на заклучокот од средбата: се покажа уште еднаш дека во овој собраниски состав нема потребна поддршка за уставни измени. Па ако е така зошто да се чека уште две години за нови избори. Нели патот кон ЕУ, како што кажаа и од Владата, е условен со тие измени. Ајде да не се кочи! Направете брзи избори и дајте можност народот да одлучи. Секоја партија што ќе учествува на избори нека стави јасно до знаење на гласачите дали нивните избрани пратеници ќе гласаат или не за промена на Уставот. Ете ти референдум!

А кога сме кај лидерските средби, да прашам: планира ли премиерот да свика лидерска средба за најголемиот проблем во моментов – економската и енергетската криза и инфлацијата која статистички е околу 20%, но реално е многу повеќе. Или тоа не е битно за Владата, битно е да се продолжи со тинтрање на Бугарија и на странците, па и по цена на уништување на македонскиот идентитет и државата.