Ќе го победува ли ВМРО – ДПМНЕ Шилегов само со објави на фејсбук и 2 – 3 соопштенија

0
117

Колумна на Никола Тасев:

Актуелната локална власт низ Македонија е зрела да изгуби на следните локални избори. Но, дали е зрела ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта или барем да си ги врати во владеење традиционалните бастиони? Шилегов во Скопје не направи речиси ништо, ама што прави главната опозициска партија е прашањето – подготвена ли е, нуди ли решенија?

Нивниот одговор несомнено ќе биде дека се подготвени, но така мислеа и пред неодамнешните парламентарни избори, па удрија во статива.

ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци имаше огромна шанса да ја прегази власта, но се згази самата себе! Не успеа да ја канализира огромната енергија од незадоволство од власта и од многуте корупциски скандали. Лежерноста и незаинтересираноста кон процесите на национално понижување, личната суета и неподготвеноста за проширување на опозицискиот фронт, нејасните ставови и недоволното внимание кон неопределените им се удрија од глава.

Опозициската партија очекуваше дека победата секако ќе дојде, сама одсебе, без да ја одработат. Ценеа дека власта сама ќе се порази, но не проценија дека колку власта е понеспособна за управување со државата, толку е поспособна да си ги задржи удобните позиии преку пазарџиски комбинации, поткупи, уцени…

ВМРО – ДМПНЕ понесено од еуфоријата дека „нема никој да гласа за Заев”, дека „водиме со 10 пратеници разлика” и дека „Мицковски е иден премиер” повеќе размислуваше како да ги дели функциите, отколку, дека првин треба да победи на изборите.

За десетина месеци се локалните избори! Ја научија ли грешката, или пак ќе дозволат Шилеговци, Маринци, Богоевци… како пауни да се „шепурат” дека нешто работат, а всушност го преспиваат мандатот?

ВМРО-ДПМНЕ итно треба да ја промени стратегијата за делување со јасни пораки кон своите, туѓите и неопределните гласачи, со визија за Македонија, Скопје и останатите општини.

Не е доволно Христијан Мицковски да размислува дека си ја завршил обврската за тој ден, ако преку социјалните мрежи малку ги подискара Заев и Филипче и им „нареди” да си дадат оставки, затоа тоа што денес од Короната во Македонија умираат повеќе луѓе, отколку за време на Втората светска војна. А додека Мицковски ги брои лајковите и неговите следбеници и се восхитуваат на објавата, Владата се тера по свое: тргува со националните интереси, прекумерно се задолжува, им ги полни џебовите на своите блиски со милиончиња од државната каса…

Ниту 400, ниту 500 лајкови, ниту три штури соопштенија дневно или неубедлив настап на телевизија се доволни за да му донесат победа на локалните избори.

Затоа треба:

– наместо да ја теши нацијата „ако Заев попушти пред Бугарија, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе го поништи договорот”, треба да ги искористи сите демократски методи за да не го дозволи тоа.

– наместо против прекумерното задолжување, зголемувањето на јавниот долг и погрешните владини економски политики да се борат со реченицата „ние да бевме ќе направевме подобри услови за стопанството”, треба јасно да го подржат бизнисот и стопанските комори и секојдневно да ја торпедираат јавноста, но и парламентот со предлог мерки.

– наместо борбата со Ковид пандемијата да им се сведува на барање за промена на Комисијата за заразни болести, треба со јасни мерки и лични примери да им помогнат на граѓаните.

– наместо советниците во Скопје и општините да си ги „одремуваат” маднатите, треба да им дишат во врат на градоначалниците со предлози, со барање отчет, со слушање на гласот на скопјани…

Има и уште многу грешки и уште многу „наместо”, но за да им дојдат работите „на место” и за да ги убедат граѓаните дека се подобра опција од сегашните, мора веднаш да почнат конкретни потези. Локалните избори се „утре“!