
Владата е стабилна, често укажува премиерот Димитар Ковачевски. Арно ама, полека – полека се покажува дека веќе има преговори за влез и на Алијанса за Албанците во Владата. Што така?
Доколку се слуша премиерот, по петочната средба со лидерот на АА Арбен Таравари преговори нема. Имало само разговори за европската иднина и одлуките коишто би требале да се носат во парламентот со широк политички и општествен консензус. Слично кажа и Таравари – понуда за влез во Владата не добиле иако и таа можност не е исклучена, а разговарале за европскиот пат…
Меѓутоа, лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа нешто сосема поинакво: И тој и Ковачевски разговарале со Таравари за влез на Алијансата за Албанците во Владата и дека наскоро ќе дојде ред да се разговара и за деталите. Односно, за министерски и директорски места коишто би требала да ги добие партијата на Таравари. А неофицијално понудата е новата членка во владината коалиција да добие три министерски места – по свој избор (здравство, земјоделие, правда, образование…) и голем број на директорски функции. Јасно, нив треба да ги отстапат двете најголеми партии во владината коалиција СДСМ и ДУИ.
Ако патријата на Таравари влезе во владината коалиција парламентарното мнозинство би се зголемило од 64 на 72 пратеници.
Очигледно, СДСМ е подготвен да ја плати цената да се зголеми владеачкото парламентарно мнозинство. Прашање е зошто тоа се прави? Дали не е стабилно актуелното мнозинство од 64 пратеници со оглед на тоа дека некои од нив веќе сега најавуваат дека нема да гласаат за уставните промени? Има ли колебање и кај други пратеници, можеби и од самиот СДСМ?
А колку до вчера (а може и денеска ќе каже) премиерот Димитар Ковачевски изјавуваше дека владиното мнозинство е стабилно.
-Владата е стабилна и парламентарното мнозинство овозможува нејзино непречено функционирање, изјави на почетокот на октомври Ковачесвки.
Сепак, едно е кажувањето – друго е реалноста. Многу работи стануваат неизвесни. А една од нив е и – дали можеби СДСМ ќе дојде до ситуација да има само премиер во Владата? Секако, за да има стабилно мнозинство во парламентот и за да можат да работат за доброто на Македонија.