Кој ќе каже СТОП: Старата скопска чаршија ја прават нова да биде?

65

Старата скопска чаршија е украс на главниот град на Македонија. Скопјани со гордост кажуваат дека само Истанбул има поубава. Но колку се чува нејзината стара – историска автентичност?

Несоодветното одржувањето на старите објекти е одамнешна болка, ама поголемиот проблем е што има се повеќе „градители – визионери“ кои старото го рушат за да направат „уште постаро“. Најнов таков случај е стариот автентичен објект на хотел „Шар“ кој неодамна беше целосно урнат, а на негово место веќе се воздигнуваат бетонски столбови за нов објект.

Така е уште од ноември кога е извршен инспекциски надзор по пријавите добиени од Градскиот конзерваторски центар – Скопје. Сега, според Министерството за култура, на потег треба да биде Управата за заштита на културното наследство.

– Се работи за незаконско уривање без потребните дозволи. Тоа подразбира Управата за заштита на културното наследство да достави пријава до МВР. Според нормите, за ваквиот прекршок е предвидена кривична одговорност – нагласија од Министерството за култура. Исто така, Управата, почитувајќи го Законот за културно наследство ќе побара враќање на објектот во првобитната состојба, изјавија од Министерството за култура за весникот „Вечер“.

Ќе биде ли така? Ќе се врати ли се во првобитна состојба и всушност можно ли е тоа? Зошто не се реагирало кога почнало рушењето? Има ли инспекции на терен особено таму каде што има културно-историски богатства?

И опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ праша кој дозволил да се урне овој објект.

-Ги повикуваме сите надлежни субјекти да одговорат за какви градежни активности станува збор, имајќи предвид дека овој објект е во сопственост на Република Македонија и споменик на културата под заштита, побара опозиционерите.

Реакции има и од граѓаните кои се разочарани:

-Султаните пред многу векови не правеле вакви самоволија. Тие граделе и штителе што изградиле. Ова што се прави со Скопската шаршија е додаз дека сега е диво време во кое власта не заштитува, е една од реакциите.

Треба ли да се набројуваат сите досегашни „градителски“ упади во чаршијата и нејзино нагрдување и оштетување од секој кој посака нешто да си гради? До кога вака? Додека не ја претворат во „Нова скопска чаршија“?

Има некој централната и општинската власт кој може и сака да каже – СТОП?