Кој мајстор ги прави економските проценки во владата?

0
70

Колумна на Никола Тасев:

Економија. Економија. Економија... Тргнав 100 пати да го пишувам овој збор, со цел повоочливо да им укажам на министрите и на премиерот дека овој збор малку се изговара во владата, но се откажав.

Продолжувам со прашање до вас читателите – Ве нервираат ли погрешните и недоволните економски проценки на владата?

Дали е ова причината за нефункционалните економски потези и недоволните кризни мерки, кои не спасија од пропаѓањето многу компании и ја зголемија сиромаштијата и невработеност?  Ај што не зборат многу за економија, туку јавноста е сведок како разни владини функционери, како од ракав да ги тресат „економските мерки”, се расфрлаат со бројки, проценти, оптимизам…

Пак да си прашам: Кој ги креира овие бројки, врз основа на чии проценки се шири оптимизам? Способни, но недоволно посветени стручњаци или „економисти” вработени со „пусулче” од некој партиски штаб. Или пак проекциите за економијата ги прават оние вработени во министерствата „што работат ефективно по еден час во текот на работниот ден, и тоа не секој ден”, како што, пред некое време, опиша дел од администрацијата, премиерот Заев?

А, и не треба да се навраќаме во минатите години, треба само да ги погледнеме последните неколку месеци за да ни е јасно колку се погрешни проценките направија луѓето во министерствата задолжени за проекции. Почнувајќи од прогнозите колку време ќе му треба на стопанството да се врати во нормала, па од тоа колку средства ќе бидат потребни за санирање на последиците, колку фирми ќе користат поволности од владините економски мерки и каков ефект тоа ќе има на зачувување на работни места.

Иако стопанските комори, бизнисот и економистите сугерираа други начини на директна помош кои ќе дадат ефект, сепак владата си тераше по свое, ценејќи дека е во право.

Македонија е во рецесија, со негативен раст, економската слика во државата е комплетно црна. За џабе беа фрлени најголем дел од парите што државата ги даде како помош. Ефектот беше еднократен и краткотраен, без да овозможи подолгорочна стабилност на системот.

Бројот на луѓето што директно останале без работа од корона кризата е над 15.000, но многу позагрижувачка е бројката на новопријавени во Агенцијата за вработување – 50.000 баратели на работа има повеќе денес, отколку во јануари годинава. Загрижувачки е не само што немаат добри проценки, туку немаат усогласеност, ниту пак јасна анализа зошто се случува ова. Двајца министри во една иста влада имаат различно мислење за зголемениот број на невработени. Министерката за труд вели дека постои анализа оти новите невработени се всушност вратените печалбари во земјава, а министерот за економија таква анализа не видел и не се согласува со неговата колешка.

Дека во владата има залутани економисти покажува и свежиот пример со „викендот без ДДВ”. Владата се пофали дека ќе се потрошат 170 милиона евра, но се потрошија помалку од 9. Освен една оправдувачка изјава за нивната тотална утка дека „народот нема пари” и „народот си ги чува парите” друга анализа зошто е ова вака не видовме.

Погрешните проценки и немањето соодветни анализи покажуваат дека владата не може да разбере како дише бизнисот и со какви проблеми секојдневно се соочуваат граѓаните.

Затоа уште еднаш да си прашам: како владата можеше да си дозволи да направи вака голема грешна проценка и дали истите „проектанти” на бројките од „викендот без ДДВ” ги проектираат и бројките за екононскиот раст и буџетот за следната година?

Што ако „владините економисти” повторно грешат?