Кој не верува нека го праша Бранко

0
108

Колумна на Никола Тасев:

Владата во последно време многу приказни ни раскажува. Сите им се со убава содржина, ама крајот некако го замаглуваат. Затоа јас ќе ви раскажам една приказна со јасен крај:

Бранко е мој поранешен сосед. Сакаше да живее на висока нога. Бесни коли, скапа облека, бучни журки… Соседите, како и сите други соседи, често го озборува, не им беше јасно од каде му се на Бранко парите за таков живот, кога знаеја дека не заработува баш многу. По неколку години беснеење, Бранко се подсмири, немаше веќе журки, скапите автомобили се изретчија од паркингот пред зграда, а и него се поретко го гледавме. Е тогаш почнаа да му доаѓаат други гости – набилдани батки и извршители. Дознавме дека Бранко навистина не заработувал многу, туку „живеел на рецка” а се покривал со кредити и позајмици. Ај што се задолжувал, туку и трошел „несразмерно повеќе од тоа што можел да враќа, а имал и непродуктивни расходи”. Едноставно приказната завршува тука! Бранко е банкрот!

Ве потсетува ли приказната за Бранко на Македонија? И нашата држава има свој Бранко – се вика Влада. И таа сака многу да се журка, да троши за луксуз, ама многу сака и да се задолжува и да позајмува. Баш како Бранко!

Ама за разлика од соседот Бранко што ја научи лекцијата, нашата Влада нема намера да го направи тоа. Напротив, се уште се „журка”, рафрла пари и троши непланирано. И се би било во ред, доколку тие пари ги заработува, а не како Бранко да се луксузира со кредити и позајмици.

Нема пари за плата – земи кредит, нема пари за пензии – побарај позајмица, треба да се даде некој тендер на блиски луѓе – нов кредит. И така секој ден!

Иако, Македонија е презадолжена, годинава Владата им товари нови обврски на идните генерации. Убаво ќе им легнат сега околу 900 милиони евра од ММФ, па уште најавуваат дека тоа не е доволно, па на есен ќе им требаат уште нови 600 милиона евра. Крај нема.

Голем проблем е презадолжувањето, ама уште попроблем е кога парите се трошат без контрола. А постои голема опасност и овие 900 милиони евра се стопат за два – три месеца. А македонската економија воопшто да не ги почувствува. Видовме како правеше Бранко, трошеше без мерка и банкротира. Затоа мора веднаш да се формира некаков натпартиски или надвладин борд што ќе го контролира трошењето.

Формулацијата дека „позајмицата од ММФ ќе се троши за потребите на буџетот” не е доволна, затоа што народот веќе не е уверен во способноста на Владата продуктивно да ги троши државните пари, а пак Владата не увери дека навистина не и се познати термините штедење и рационално трошење.

Затоа е потребна некаква двојна контрола на трошењето. Тоа може да се реализира со домашни експерти или пак со вклучување и на странци. Не е битно. Битно е да не дозволиме „нашиот Бранко” државата да ја доведе до банкрот, па тогаш на спас да ни улетаат странски стручњаци како што тоа беше случајот со Албанија и Бугарија пред дваесетина години или пак со Грција од поново време.

Веќе подолго време нивото на јавната потрошувачка не е сразмерна со растот на државата. Ниту пак планирањето на буџетот го следи процентот на развојот на економијата. Од пред десет години до денес трошоците се дуплирани. Ама за жал не се дуплирани приходите, како и степенот на економски раст. Е од кај се тогаш екстра парите? Од кредити, нормално. Ова несразмерно планирање на буџетите со енормни трошоци доведува до експлозија на јавниот долг и ги пренасочува расходите за капитални инвестиции (кои се продуктивни) кон тековната потрошувачка (плати, пензии, субвенции и сомнителни тендери). Таквата потрошувачка не носи развој, а таа политика не гарантира иднина. Тоа ја турка државата кон банкрот и должничко ропство на идните генерации.

Кој не верува нека го праша Бранко!