Костовски јавно побара повлекување на стечајот на Еуростандард банка

0
56

Трифун Костовски во отворено писмо ги повикува политичките партии и невладини организации да дадат поддршка Народната банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба. Во продолжение неговото писмо во целост:

„Јас, Трифун Костовски, еден од акционерите на Еуростандард банка, јавно ги повикувам сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народната банка на Република Македонија да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.

Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно во согласност со Законот за банките. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните.

Потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор.

Ваквиот чин бара висока доблест и ќе спречи сериозни последици за граѓаните на Република Македонија.

Доколку сакаме мир во земјата и спокој на граѓаните, мора да ги имате предвид последиците што ќе се појават во периодот што следува, а кои таксативно ќе ги наведам:

1. Клиентите на Еуростандард банка, кои се оштетени со оваа одлука, ќе бидат целосно вознемирени со преземање активности да си го вратат своето.
2. Поради софтверскиот систем за исплата на пензии, неколку илјади пензионери ќе се соочат со неможноста редовно да ги добиваат своите пензии, а тоа е најранливиот слој граѓани во Македонија.
3. Масовни отпуштања и зголемување на невработеноста како на вработените во Еуростандард банка така и на вработените во „Македонска пошта“ поради неможноста да остварат приход и да ги заработат чесно своите примања.
4. Ќе се врати довербата во банкарскиот систем на граѓаните, кој, за жал, сведочиме дека има многу нарушен кредибилитет и создава општа несигурност.
5. За ваквиот потег се бара доблест и акција за стабилизирање на севкупната ситуација за граѓаните во Република Македонија и посебно на банкарскиот сектор.