Ковачевски не размислуваше до 10 мај, му одговори на Мицкоски: Не прифаќам уцени

152

Уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој му одговори на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешното барање за договор за вонредни парламентарни избори. Имено, Мицкоски на Ковачевски му даде рок до 10 мај да се изјасни за заедничка и јавна средба на која ќе се договори датумот за одржување на предвремени парламентарни избори. Опозиционерот побара Ковачевски да не брза, да размисли…

Премиерот сепак набрзо напиша дека Влада има многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по втората светска војна.

-Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. За среќа, ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи, потенцира Ковачвески.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска порача и тоа дека доколку понудата биде одбиена тогаш „ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава, а потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори“. На ова Ковачевски одговори дека не прифаќа никакви уцени.

-Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи, му одговори Ковачевски на Мицкоски.