ЛДП на средба во Охрид ја утврдува стратегијата со која ќе делува во Владата

309

Раководството на Либерално-демократската партија викендов прави стратешка анализа за одржаните парламентарни избори и за формирањето на новото парламентарно мнозинство во кое учествува партијата.

Средбата се одржува во Охрид во хибриден формат, со физичко и онлајн присуство, а се реализира со поддршка на колегите од Шведска, Германија и Босна и Херцеговина, а во организација на Либералниот Институт од Скопје.

Раководството на ЛДП, заедно со експерти и советници од своите сестрински партии, разговара за стратегиите и политичкото делување на партијата во рамките на Владата, Собранието, како и на локално ниво.

Особен осврт е посветен на новиот момент во кој се наоѓа државата, а тоа е формирањето на Владата како и најавениот почеток на преговорите за пристапување во Европската Унија кој се очекува во ноември оваа година.

Горан Милевски, претседател на ЛДП изјави:

„Добро е што во услови на пандемија се спроведоа избори по сите здравствени протоколи и европски стандарди. Добро е што успеа да се постигнат позитивни резултати на изборите. Добро е што на македонската политичка сцена победија прогресивните сили. Добро е што новата владина програма вклучува голем дел од програмата на ЛДП и што партијата има можност да води значаен ресор во Владата. Овие поволности мора да се искористат максимално за доброто на граѓаните.“

Тој додаде: „Пред нас претстои клучен период во кој мора да се зацврстат темелите на либералната демократија. Тоа подразбира наше силно залагање за:

– зачувување на здравјето на граѓаните и поддршка за надминување на последиците од пандемијата на Ковид-19,

– гаранцијата за неказнивоста, правичноста и рамноправноста на граѓаните пред законот,

– почитување на различностите како и правата и слободите на секој/а граѓанин/ка,

– поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуки преку отворање на системот и негова децентрализација,

– зголемено инвестирање во нови технологии кои промовираат здрава животна средина, како и

– поттик на креативноста и инвентивноста како мотор за развој економијата и стандардот на граѓаните“.

За да можат да се остварат заложбите за такво општество ЛДП ќе направи сеопфатна ревитализација на партиските органи во следните недели.