Македонија е презадолжена држава. И наместо тоа полека да се намалува, има официјални најави дека задолжувањето ќе се зголемува.
За колку стотици милиони сега треба да се задолжат македонските граѓани? За 600, 900, милијарда евра…? Не е се тоа преголеми суми? А за што ќе се трошат?
Сето ова се прашања кои деновиве се множат, но надлежните никако да дадат конкретен одговор. Извесно е само дека задолжувањето сигурно ќе се случи. Министерот за финансии Фатмир Бесими при неодамнешниот престој во ММФ соопшти дека е добиена „препорака за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ и дека тие средства ќе бидат за поддршка на стопанството и на граѓаните“.
Она што министерот, а ниту други владини претставници не го потенцираа е тоа дека со ова значително ќе се зголеми надворешниот долг на земјата кој од сегашните 60,8 проценти од БДП може да достигне 63,5 отсто… Односно, од сегашните 7.135,3 милиони евра јавниот долг ќе надмине 8 милијарди евра. А тоа е веќе загрижувачки за граќаните кои треба да ги вражаат тие пари.
Загрижувачко ли е презадолжувањето за власта?
Причини за загриженост има многу, но знаејќи си ги овдешните политичари најмногу стравување има од прашањето за што ќе бидат употребени овие огромни кредитни средства. За развој, инвестиции или за зголемување на платите на бројната државна администрација и јавните служби кои се повеќе штрајкуваат?
И на ова владините претставници не даваат конкретен одговор освен оној со кој се укажува дека се живее најголемата економска криза, дека има недостиг на енергија, храна, има инфлација, а платите се мали… Сето тоа укажува дека стотиците милиони кредитни евра од ММФ ќе отидат за купување на социјален мир, за исплати на зголемени плати, за исплати на К-15 и други надоместоци. А без вложување во развој, реална економска поткрепа, без зголемување на индустриското производство, без зголемен БДП, сето тоа ќе предизвика контра ефенкт по што состојбата пак ќе се враќа на нивото на сегашната криза.
Властите прелесно не задолжуваат наместо потребните средства да се обезбедат преку штедење. Премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави дека со претстојниот ребаланс на буџетот ќе се пренаменат околу 100 милиони евра.
Владата треба да ги преиспита уште еднаш сите ставки кај кои е можно кратење. Оти секој заштеден милион евра ќе значи помал долг кој ќе треба да го враќаат следни генерации на македонски граѓани. Министрите тука не прават доволно.
Да, лесно е да се владее со огромни задолжувања кои друг ќе ги враќа. Ама нели сите зборуваат за иднината – дека ќе ни била светла?