Менаџерот на Левандовски на итен состанок во Минхен

0
110

Роберт Левандовски со секој ден е се подалеку од Баерн Минхен. Полјакот влегува во последната година од договорот, а се уште не добил понуда од клубот да ја продолжи соработката.

„Билд“ денеска открива дека Левандовски не е во добри односи со тренерот Јулијан Нагелсман, не се согласува со неговите тактички замисли.

Левандовски со години е главната гол-машина на Баерн, Нагелсман има различни идеи, сака да ја распореди својата муниција во нападот и Полјакот повеќе се жртвува за своите соиграчи.

„Билд“ пишува дека преговорите за нов договор се во застој, дека менаџерот на фудбалерот Пини Захави најверојатно денеска ќе се сретне со Хасан Салихамиџиќ и Оливер Кан за да ги претстави плановите за својот клиент.

Баерн очекува Захави денеска да ја претстави понудата на Барселона, откако доби гаранции од неговиот пријател Жоан Лапорте дека Каталонците ќе му понудат на Лева тригодишен договор.

Барса по секоја цена го сака Левандовски откако се откажа од прескапиот Ерлинг Халанд.

Каталонците немаат пари за Дарвин Нуњез, а Лева влегува во последната година од договорот, незадоволен е и на 34 години би можел да биде на „попуст“.

Каталонските медиуми тврдат дека Левандовски и неговото семејство сакаат да живеат во Барселона, Полјакот е подготвен да ја намали својата плата, што нема да прифати во Баерн по се што направи за клубот.

Пини Захави и Лапорта имаат одлични односи, па останува само Баерн да ја прифати потенцијалната понуда на Барселона, која не може да издвои повеќе од 40 милиони евра.