Предвидувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дека Владата на СДСМ ја чека жестока критика од народот и ќе падне на организирани граѓански протести.
„Ова денес е почетокот на крајот на СДСМ. Оваа Влада нема иднина и ќе падне на граѓански протести“, рече Мицкоски.
Тој на денешната прес-конференција зборуваше за постоење пакт меѓу криминалот и политиката, кој го нарече „хотелска коалиција“.
„Ќе се борам против оние кои му служат на Зоран Заев. Сите оние кои станаа најдобри другари на Зоран Заев не е затоа што се силни, туку затоа што се екстремно слаби“, рече Мицкоски.
Тој ги обвини дека седат во скутот на Заев и дека страдаат од „Стокхолмски синдром“.
Мицкоски коалицијата на СДСМ и ДУИ ја нарече „мафијашка“, а новата Влада полна со „стари и истрошени кадри“.
Во своето денешно излагање, Мицкоски се осврна на старите ветувања од минатиот мандат на Владата на СДСМ.
Тој наброја неколку ветувања, кои според него не се исполнети, а го обвини СДСМ за лицемерие кога вели дека ќе ја урнат дивоградбата кај Мавровка, која е изградена за време на нивно владеење.
Според него, Македонија оваа есен ја чека сиромаштија и посериозна здравствена криза.