Мицкоски: Тоа што Бучковски преговара со Бугарија е вовед во ново апокалиптично сценарио

0
57

„Тоа што осудениот Владо Бучковски, кого Врховен суд го ослободи, преговара со Бугарија е вовед во ново апокалиптично сценарио“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестот во Куманово.

„Оваа година јас лично предупредив дека на состанокот помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и соседна Бугарија од нашиот министер е побаран нов договор или анекс кон договорот или некој документ што ќе има нова правосилна рамка и ново правосилно значење. Исто така, бев брутално навредуван од страна на Зоран Заев и од Бујар Османи и Никола Димитров дека тоа се лажни вести, дека тоа не е вистина итн. Но, излезе дека сето тоа било точно и дека сме биле во право“, рече тој.

„Овој пат сакам исто така да ја предупредам македонската јавност, македонскиот народ, македонската нација, граѓаните во Македонија дека новоименувањето на Владо Бучковски за посредник во спорот со нашиот источен сосед, човекот што што имаше осудителна пресуда, а потоа преку Врховен суд во владеењето на Зоран Заев, а знаете како тие трас-трас одлуки се носеле во Врховниот суд, беше ослободен, човекот што беше осуден за проневера за тенковски делови, за бугарските тенкови, денеска треба да го решава историскиот спор со соседна Бугарија, претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, вовед во едно ново предавство што ќе треба да биде извршено и врз македонскиот народ, македонската нација и македонската држава, асимилација на македонскиот народ, на маса се македонската историја, македонскиот јазик, традицијата, обичаите и откажување од македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед“, додаде Мицкоски.

„Го предупредувам македонскиот народ, граѓаните на Македонија, на будно следење на она што се подготвува, на тоа што се преговара, а ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија што ќе ја предводи идната влада, која ќе биде влада на национално единство, нема ниту една реченица од евентуалното парче харија што ќе го потпише двоецот Заев-Бучковски да го почитува. Нема ниту една реченица ниту еден збор што планира двоецот Заев-Бучковски да го потпише, а кое ќе биде на штета на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и на македонската традиција и обичаите, да ги почитува“, додаде тој.