Милан и Рома одиграа лудо реми на „Сан Сиро“

0
25

Милан и Рома одиграа 3:3 во понеделничкото дерби во петтото коло во Серија А, во меч одбележан од ветераните, но и од два помалку контроверзни пенали.

Само што започна мечот, уште во втората минута, Златан Ибрахимовиќ ја стресе „волчицата“ по одличната асистенција на Рафаел Леао, но Рома успеа да се врати бргу во игра, преку уште еден ветеран, Един Џеко, кој по еден корнер го искористи „летањето“ на замената голман на домаќините, Сипријан Татарушану за 1:1.

„Росонерите“ повторно дојдоа во водство во 47. минута, кога Леао успеа да го најде Салемекерс за 2:1. Овој резултат беше актуелен до двете сомнителни судски одлуки. Прво во 71. минута Рома доби пенал иако Педро застана на ногата на Бенасер, а Верету беше безмилосен од белата точка.

Потоа, осум минути подоцна, Хакан Чалханоглу спектакуларно падна во шестнаесетникот на Рома за уште еден пенал, кој Ибрахимовиќ го искористи за ново водство на Милан.Поенот за гостите го обезбеди Мараш Кумбула во 87. минута со гол по корнер и лошата интервенција на одбраната на „росонерите“. Домаќините имаа две одлични шанси во последните минути од мечот, но Ибрахимовиќ и Чалханоглу беа непрецизни.

Милан остануваат лидери во Серија А по пет кола со 13 поени, два повеќе од Наполи и Сасуоло, додека Рома се деветти со осум поени (и натпревар помалку).