Минатата недела 87 отсто повеќе заразени од Ковид-19 во споредба со претходната

0
47

Министерството за здравство информира дека минатата недела, од 5 до 11 октомври, биле тестирани вкупно 13.028 материјали на Ковид-19 или 32,5 % повеќе во однос на неделата претходно.

„Регистрирани сe 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5 % во однос на претходната недела. Повеќето од регистрираните случаи се од Скопје (n=1155; 51,5 %), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000“, се наведува во соопштението, кое се повикува на неделниот извештај од Институтот за јавно здравје.

Процентот на позитивни случаи од направените тестови во овој период изнесува 17,2 % и е 5 отсто поголем во однос на претходната недела.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст од 30 до 39 години (n=456, 20,3 %). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 (n=440; 19,6 %), од 20 до 29 (n=414; 18,5 %), над 60 години (n=405; 18,1 %) и од 50 до 59 (n=343; 15,3 %). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години (n=53; 2,4 %) и од 10 до 19 години (n=132; 5,9 %)“, објаснуваат од Министерството.

Во текот на минатата недела од случаите што се епидемиолошки истражени (n=1.347; 60,1 %), регистрирани се 94 (7,1 %) хоспитализирани, а кај 319 (23,7 %) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 513 (38,1 %) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6 %) лица со историја на патување (во последните 14 дена).
По добиени два негативни теста, како оздравени се водат 815 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 повеќе во споредба со претходната недела.

„Пријавени се 31 смртен случај од 15 града, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50 до 59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица“, стои во соопштението.

Детаљниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје се објавува на официјалната интернет-страница.