МОН: Наставниците и учениците да се однесуваат одговорно и надвор од училиштата

0
42

Министерството за образование и наука апелира до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста.

Од МОН велат дека протоколите за заштита од заразата докажано функционираат, доколу сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита. Од целокупното одговорно однесување, велат од МОН, ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата.

„Министерството за образование и наука, заедно со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги презема сите мерки, препораки, протоколи, алгоритми и укажуваме на нивно целосно  почитување од страна наставниците, учениците и родителите. Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. Над 80% од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкотии“, велат од МОН.

За останатиот дел кои немаат уреди или интернет-конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.

Од Министерството за образование и наука велат дека се во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата.