Мора ли секогаш граѓаните да бидат казнети?

32

Колумна на Пеце Лозанов:

 Веќе не знам по кој пат слушаме за протестите на приватните превозници во Скопје и за блокираните крстосници. Пародијата да биде уште покомична, никој не го решава овој проблем и вината само се префрлува на Градот Скопје, ЈСП „Скопје“, приватници, а во последно време слушаме дека и опозицијата била главниот виновник.

Малку кој политичар ги посетил приватните превозници кои протестираат. Можеби, да беа “шарени“ автобусите ќе имаше поголема посетеност. Стабилно капиталистичко општество веднаш би ги вклучило сите потребни Институции за решавање на овој проблем, со седнување на сериозни разговори на двете страни и изнаоѓање на решение. Макар и мало решение или почеток на решавање со цел да се тргнат блокадите во Скопје.

Прочитав на социјални мрежи анегдота за протестите на превозниците на јавниот градски превоз во Јапонија. Протестите започнаа на еден сосема поинаков начин при што ги продолжија превозните линии, единствено не наплаќаа за нивните услуги. После тоа тие изјавија дека целта не беше да страдаат граѓаните, нивната цел беше да страдаат компаниите. Во тој случај провозниците го рефлектираа својот протест кон другите каде и тие беа приморани да се придружат на протестот, а сметката заврши на државно конто. Кај нас цехот на протестите го плаќаа граѓаните земајки со колоните на автомобили, продолженото време на патување, бензин, издувни гасови, нервоза

А со зголемената употреба и бројот на патнички автомобили се зголемува и бројот на сообраќајни незгоди. Нашето општество падна до тој степен да политичарите се натпреваруваат меѓу себе како во нивни мандат имало помалку жртви во сообраќајот. Ние, пак, сме сведоци дека сообраќајните незгоди се случуваат без разлика која ке биде партија на власт. Сообраќајни незгоди се намалуваат со добро испланирани проекти од соодветни лица. Во западноевропските земји, особено скандинавските, започнаа со стратешка цел „Визија нула“, односно намалување на смртните случаи на патиштата на нула. Сообраќајните незгоди не прашуваат кој е на власт, сообраќајните незгоди се наша реалност каде е потребно сите да работиме на тоа и нашата сообраќајна култура.

Додека европските држави делуваат преку стратегии и нивно финансирање од државни пари, кај нас сеуште имаме главна стратегија преку казни, каде стратегијата ја плаќаат граѓаните. Се разбира, потоа и следуваат наслови дека имаме „Рекордно намалување на сообраќајните незгоди“… Како и да е, Македонија и граѓаните се изморени од истата децениска сообраќајна политика. Но, времето ќе покаже колку ни е потребна визија за безбедноста на сообраќајот.