Можат ли македонските функционери да бидат достоинствени пред странци?

57

Нашите политичари не само што не го чуваат и бранат достоинството на државата, туку го рушат на секој чекор. Со стратегија на молење и клечење не се постигнува никаква цел, смета Соња Јакимовска

Многу ретко сегашниве политичари на западни дипломати рекле – НЕ. Затоа другите држави се навикнаа дека при секој спор кој Македонија го има (или и е наметнат) со било кого, таа треба да попушти, да клекне

Ако сакаш да те почитуваат прво мора да се самопочитуваш. Нема што повеќе да се додаде на оваа важна животна лекција. Туку, да си прашаме – се самопочитуваат ли нашите политичари, односно имаат ли тие достоинство особено пред странски функционери?

Попуштање, компромиси на штета на државата, прифаќање на туѓи ултиматуми, самопонижување… Вака голем дел од македонската јавност гледа на она што се случува изминативе години во Македонија и тоа пред се во име на остварување на некаква си „евроатлантска иднина“. Се прифаќаат договори кои очигледно се добиваат готови – напишани надвор од нашата земја. Впрочем, претседателот Пандаровски пред некој ден кажа како странски амбасадор „пеел“ 8 македонски пратеници со часови. Пратениците сигурно „достоинствено“ слушале…

 И еве како стојат работите од многуте отсуства на достоинство кај нашите функционери: сменето име на државата, сменета историја, откажување од еден нејзин дел, прифаќање на заедничка историја со соседна земја, откажување од грижата за сонародниците, сменети учебници, неизвеснот околу ветениот датум за датимот на датумот за ЕУ… Зошто, ретко кога се слуша категорично „НЕ“ кажано кон странските услови, предлози…? Зошто не се чува македонското достоинство? Имаат ли овие луѓе црвени линии?

-Нашите политичари не само што не го чуваат и бранат достоинството на државата, туку го рушат на секој чекор. Со стратегија на молење и клечење не се постигнува никаква цел, така стануваме само лесен плен за “ѕверките “околу нас. Ако не се бориме за своето како може да очекуваме “грабливците “околу нас да не не изедат живи. Само со цврста кичма, самопочит, достоинство и сигурност во својот став, може да се преговара со било кого, ни вели Соња Јакимоска.

Свитканата „кичма“ сега ќе ни ја кршат?

Притисоци, но и „обландирани“ предлози за самопонижување Македонија добиваше од самото осамостојување. Функционерите кој повече кој помалку покажуваа дека имаат „кичма“, ама пред пет години тогашниот опозиционер и подоцнежен премиер Зоран Заев ја најави потребата да ја  „свиткаме на кичмата“. Колку таквата политика донесе добро за Македонија? Колку нови ултиматуми добива македонскиот народ сега? Има ли опасност свитканиот рбет сега да ни го скршат иако политичарите ни ветуваат дека со виткањето ќе ќе престанат нашите маки и ќе влеземе во рајот?

– Предавство и непростлив чин се менувањето на името со Грција и Договорот со Бугарија. Немаат кредибилитет и интегритет нашите политичари па пред странскиот фактор се со наведната глава и со скршена кичма, послушни без достоинство, смета Томе Пачаразлиев.

А токму претседателот на државата, премиерот, министрите… се голем дел од сликата за Македонија која се шири особено во политичкиот свет. Разбираат тие каква слика оставаат пред останатите држави? Зошто другите држави се навикнаа дека при секој спор кој го има Македонија со било кого, таа треба да попушти, да клекне?

За жал, попуштањата не запираат. Сега се подготвува менувањето на лекциите во учебниците по историја, се менуваат натписите на спомениците, а се дозволува дури и регистрација на клубови кои ги носат имиња на соработници со фашистите, како Иван Михајлов и Цар Борис Трети. Дури и се случува да Законот за здруженија на граѓани чии измени во македонскиот парламент беа донесени со консензус на сите парии со цел да се спречат таквите имиња на клубовите, по само едно накосо погледнување од странци – сега се најавува дека ќе биде пратен на рецензија во Венецијанска комисија. Што тука е со визија, а што со самопонижување?

 -Политичарите посебно овие сегашните ни самите немаат достоинство, а како да го штитат народот. За жал, и младите станаа апатични и не реагираат на ниеден уништувачки предизвик, без чувство за припадност и љубов кон татковината. После многу години имавме реакција од студентите и тоа само за студентскиот стандард, а сите предходни понижувања на народот како да не се однесува на нив, а тие би требало да се иднината за државата. Јас на оваа возраст од 80 години живеам со чувство на понижување и срам и онака старечки се борам со по некој коментар, ни вели граѓанката Цонка Велкова.

Мора да се научиме да кажеме „НЕ“ на непристојни странци

До оваа состојба е дојдено и не само поради немањето доволно достоинство. Нашите политичари глумејќи на домашен терен премногу достоинство за ништо не се договараат меѓусебе и така прават некои проблеми да станат уште поголеми во Македонија. А потоа на сцена настапуваат дипломатите – првенствено од Брисел и Вашингтон. Така беше кога се правеше Охридскиот договор, Пржинскиот договор, Преспанскиот договор…

-Пред народот глумат дека се достоинствени и ни глумат величини, ама знаеме како клечат пред странците, ни прокоментира Никола Јаневски.

А кога странците даваа решенија тие влечат на некоја своја страна. Ретко, речиси никогаш не се случи категорично отфрлање на она што ни се предлагаше и што не одговараше на македонските државни и национални интереси.  

-Одлуките за Македонија, за жал, отсекогаш други ги носеле, особено големите сили. Но, сега кога за прв пат имаме своја држава треба да застанеме цврсто и сами да одлучуваме. Апсолутно не треба секое барање на Брисел да се прифати, посебно не ако се штетни по наши интереси, Коле Божиновски кој, исто така, смета дека нашите политичари се познати по „молење и клечење кое го прават за лично богатење“.

Во јуни годинава премиерот Димитар Ковачевски категорично го одби првичниот француски предлог за кревање на бугарското вето бидејќи во него беа вградени историските прашања коишто ги наметнува официјална Софија. Но, потоа, по козметичка промена на предлогот, кога се направи историските прашања да се третираат преку „годишни прегледи“ предлогот беше прифатен иако имаше бројни противења во јавноста.

 -На странските претставници треба почесто да им се каже „НЕ“ затоа што државата ја направија како да е нивна и спроведуваат се што е во нивни интерес, предупредува Цонка Велкова.

Ќе ја послушаат ли политичарите? Или ќе постапат исто како и кога не го послушаа народот околу референдумот за името? Можат ли македонските функционери да бидат достоинствени?

Лош пример за младите како се губи достоинството на човекот

Граѓаните предупредуваат дека со ваквиот однос на нашите политичари се дава и лош пример на младите генерации, на оние на кои утре ќе остане да ја водат Македонија.

-Мора да има “црвени линии”. „Не“, за сервилност и понижување. „Не“, за продавање на она што е наше, име, историја, територија, јазик. Со свиткана кичма, со стратегија на молење и клечење, без доблест да се каже „Не“, па макар да треба да се бориш до крај за да го задржиш своето, даваме лош пример на младите како треба да се чува достоинството на државата. И најважно, со нечување на достоинството даваме лош пример како се губи достоинството на човекот, смета Соња Јакимоска.