Му пресуди кавгата со Меси – Барселона го отпушти Абидал

0
285

Еден ден откако Кике Сетиен беше отпуштен од позицијата тренер на Барселона, денеска од каталонскиот клуб продолжија со „чистката“ по срамотниот 8:2 пораз од Баерн Минхен, отпуштајќи го спортскиот директор на клубот, поранешниот фудбалер Ерик Абидал.

„Барселона и Ерик Абидал се согласија за прекин на договорот. Клубот сака да му се заблагодари на Ерик за професионалноста, посветноста и позитивната енергија која ја донесе во семејството на Блауграна“, се вели во соопштението на клубот.

Французинот се најде на „мета“ на капитенот Лионел Меси откако изјави дека фудбалерите „не работат напорно“ по отпуштањето на Ернесто Валверде на почетокот на годината. Меси тогаш јавно побара од Абидал да ги каже имињата и посочи дека не е фер да се повикуваат фудбалерите за сите проблеми во клубот.

Се верува дека овој потег на Барселона е направен за да се „угоди“ на Меси, посебно по шпекулациите дека Аргентинецот го планира незамисливото за фановите на Блауграна, да замине од клубот во кој игра цела кариера.

Сепак, според дел од навивачите на Барса ова не е доволно и мора да се започне од претседателот на клубот Жозеп Марија Бартомеу, кој најави нови избори во март 2021 година. Бартомеу беше одговорен за низата скапи засилувања на тимот – Усман Дембеле, Филипе Кутињо и Антоан Гризман, кои не го донесоа потребното на теренот.