МВР со детали за несреќата во која загина редар на трката во Пробиштип

0
271

Кире Андреевски-Кирца,  автомобилистички судија и директор на трката во Пробиштип, вчера го загуби животот по инцидентот на кој автомобил „хонда“  во финишот  излета  од патеката и удри во членот на Автомобилистичката федерација на Македонија.

Полицијата информираше дека вчера околу 13:20 часот  на автотрката  што се одржуваше на регионалниот пат Пробиштип – Кратово, кај место викано Жгури, патничко возило „хонда сивик“,  без регистарски ознаки, управувано од A.K.(43) од Скопје – учесник на трката, удрило во Андреевски (62) од Скопје, кој бил  техничко лице на трката. Тој се здобил со повреди и бил пренесен во Општа болница Пробиштип.

https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2FCustomcarracingteam%2Fposts%2F1234703723543286&width=500

Поради серизоноста на повредите од таму бил препратен во Медицински центар Штип, но по патот починал. Увид извршиле екипа од СВР Штип и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Од Тркачкиот клуб „Кастм кар рејсинг тим“, одговорност за  трагедија побараа од Автомобилистичката федерација.

„На крајно небезбедна патека без банкини, која не знаеме како можеле да ја лиценцираат и направат безбедносен план во Пробиштип, каде што овој викенд организираа ридско-брзинска трка, згасна човечки живот кој беше удрен од тркачки автомобил на целта, при тоа беше и дел од организацијата. Одговорност за овој настан треба да сноси целото раководство на АФМ, а тоа се Ранко Станојковски, Павле Доневски и неговиот клуб и Кристина Станојковска“, напишаа на официјалниот профил на Фејсбук од тркачкиот клуб.

Поради трагичниот  инцидент на патеката, беше прекината ридско-брзинската трка, која беше прва од официјалниот календар на шампионатот на Македонија во автомобилизам.