Намален бројот на интервенции на Брза помош кај лица во алкохолизирана состојба и од сообраќајни несреќи

0
57

Според статистичките податоци на Службата за итна медицинска помош, во периодот од јануари до јули годинава, значително е намален бројот на интервенции на лица во алкохолизирана состојба и лица повредени во сообраќајни несреќи во споредба со истиот период минатата година.

Ова се должи на намалената фреквенција на движење и воведените мерките за спречување на ширење на коронавирусот.

Од 1 јануари до 31 јули оваа година се регистрирани интервенции кај 5 деца до 18 години во алкохолизирана состојба, додека во 2019 година биле регистрирани интервенции кај 20 деца. Намален е и бројот на интервенции кај лицата на возраст од 20 до 40 години од 84 на 58 и кај лицата од 40 до 60 години, од 159 на 133.

Инаку, само во март, регистрирани се вкупно 43 интервенции кај лица во алкохолизирана состојба. За споредба, во овој месец минатата година имало 75 интервенции или 32 повеќе.

Забележано е намалување и на бројот на лица повредени во сообраќајни несреќи. Во март годинава, имало вкупно 87 лица повредени во сообраќајни незгоди, што е за 23 лица помалку споредено со истиот месец лани додека во април, во сообраќајни незгоди биле повредени 60 лица, или за 45 помалку во споредба месец април минатата година.