Народната банка: Ќе придонесеме за што побрзо обесштетување на граѓаните од Еуростандард банка

0
284

По известувањето од Основниот граѓански суд Скопје дека е усвоен предлогот за отворање стечајна постапка над Еуростандард банка АД Скопје и дека е определен стечаен управник, Народната банка ја известува јавноста дека штитејќи го интересот на депонентите и доверителите, активно ги презема сите активности што во периодот до почнувањето на стечајната постапка се нејзина законска надлежност.

Од тука наведуваат дека е заштитен имотот на банката во функција на обезбедување дел од предусловите за спроведување ефикасна и брза стечајна постапка во рамките на која треба да се наплатат побарувањата на доверителите и дел од депонентите.

„Ги известуваме граѓаните кои на 12 август 2020 година извршиле готовински и безготовински трансакции преку Еуростандард банка АД Скопје за плаќање сметки (струја, вода и други давачки), вклучително и преку уплати во АД ‘Пошта на Северна Македонија’ дека трансакциите ќе бидат реализирани во наредните неколку дена и нема потреба граѓаните да ги плаќаат истите сметки одново. Тимот на Народната банка е максимално посветен и за да придонесе за што побрзо завршување на сите административни процедури поврзани со исплатата на обесштетувањето на депозитите на граѓаните од страна на Фондот за осигурување депозити“, велат од Народната банка.