Научниците создадоа спреј кој може да го сузбие ширењето на коронавирусот

0
98

Спрејот за нос, кој треба да се прска еднаш неделно, може да обезбеди солидна заштита од Ковид-19, пишува „Дејли мејл“.

Спрејот досега бил тестиран на творови кои еден ден пред да бидат изложени на коронавирус примиле по две дози од средството – вештачки создадени молекули кои го стимулираат имунолошкиот систем.

Резултатите покажале дека средството ја намалило репликацијата на вирусот во носот на творовите за дури 96 проценти, со што се намалил ризикот од инфекција и ширењето на болеста.

Препаратот ИННА-051 ќе се тестира на луѓе во следните четири месеци. Средството првично било развиено за заштита од вируси на настинка и грип, но сè уште чека на одобрување бидејќи сè уште не е докажано дека дејствува без никакво сомневање.

Сепак, претходните истражувања покажаа дека тој го „забрзува“ антивирусниот одговор во клетките во грлото на здрави доброволци и оние кои страдаат од астма и дека обезбедува продолжена заштита кај глувците од риновируси кои предизвикуваат течење на носот кај луѓето.

Доколку средството биде одобрено, тоа може да обезбеди дополнителна заштита за оние со зголемен ризик од заразување со Ковид-19, вклучително и постари лица и оние кои страдаат од одредени здравствени состојби.

Студијата што ги опишува деталите за тестирање на препаратот ИННА-051 е објавена на порталот bioRxiv.