Обезбедени 400 бесконтактни термометри и пунктови за дезинфекција за училиштата

0
54

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок и програмскиот директор на ТИКА Халим Омер Согут, денеска присуствуваа на предавање на донација на пунктови за дезинфекција и бесконтактни термометри во основното училиште „Петар Здравковски Пенко”.

Донацијата e обезбедена од турската Агенција за соработка и координација ТИКА, а до училиштата низ државата ќе бидат дистрибуирани вкупно 400 пунктови за дезинфекција и 400 бесконтактни термометри.

Министерката Царовска, нагласувајќи дека ваквите донации ја покажуваат вистинската општествена одговорност, потсети на важноста од почитувањето на мерките за заштита од Ковид 19 во одвивањето на образовниот процес.

„ Навистина ми е драго што во исклучително посебни услови, во време на пандемија, успеавме да најдеме начин успешно да ја стартуваме учебната година и дел од учениците наставата да ја посетуваат со физичко присуство, под посебни протоколи, за што се потребни средства за дезинфекција и термометри на далечина“, изјави Царовска.

Наставата успешно ја следат најголем дел од учениците во државата, посочи министерката. Во училиштата кои ги исполнуваат здравствените протоколи се реализира настава со физичко присуство. Најголем дел ученици и наставници и денес успешно или со помали тешкотии се приклучија на онлајн настава. Според однапред објавените распореди, се емитуваат и часовите на Националната радио телевизија.