Обвинение за разбојник што ограбувал аптеки во Скопје

0
28

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за разбојнички кражби во аптеки во Скопје.

Обвинетиот 38-годишен скопјанец на 10 септември влегол во аптека на улицата Васил Главинов во Скопје и на вработената ѝ се заканил со нож барајќи да му ги даде парите од дневниот промет. Потоа се упатил кај касата, зел 4.430 денари и побегнал.

На 14 септември, пак, на истиот начин украл 16.150 денари од аптека на булеварот Св. Климент Охридски. Потоа се обидел да ѝ го украде и мобилниот телефон на вработената, која се спротивставила и го турнала.

Обвинетиот дел од парите од дневниот промет го извадил од металната каса на аптеката, а дел од картонска кутија во магацинскиот дел на аптеката, а потоа избегал.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице бидејќи постои опасност од бегство, како и можност тој да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото што му се става на товар​.