Од понеделник студентите се вселуваат во домовите, во мензите најмногу по 2 лица на маса

0
69

Од понеделник почнува вселувањето на студентите во домовите, а во тек е и повик за еднократна помош од 6.000 денари, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која денес го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски –Питу“ во Скопје.

Таа информираше сместувањето ќе се одвива под посебни ковид протоколи. За студентските домови во Скопје капацитетот по протокол е 2.080 легла, а вкупно примени се 1.614 студенти, што значи дека има можност за примање на уште студенти.

„Да не заборавиме дека имаме сега и резервна листа, ова го кажувам за да нема забуна кај студентите. Ако некој факултет ја промени одлуката и место онлајн одлучи да држи настава со физичко присуство, оставаме можност да ги примиме студентите на места коишто ги добиле во домовите затоа што ги исполнуваат критериумите“, рече Царовска.

Министерката посочи дека согласно критериумите коишто беа објавени се примија во училишните домови 1.193 ученици. Согласно новите протоколи има слободни или отворени места за 1.058 ученици. Вишокот од 135 ученици за Скопје се распоредени во студентскиот дом „Сениќ“, а 73 ученици кои се од Битола и Струмица, исто така, ќе добијат можност да патуваат до своите места, или да се сместат согласно новите законски измени коишто се во Собраниетo.

Министерката ги повика студентите до 10 октомври да се пријавуваат на отворениот повик за доделување на еднократна финансиска поддршка за плаќање на дел од партиципацијата во трошоците за студирање, дел од трошоците за сместување во студентски дом, односно на трошоците за приватно сместување. Овој надоместок е предвиден со третиот сет економски мерки. Право да аплицираат за една од понудените опции имаат сите студенти чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, а се дел од семејни домаќинства со низок доход. Износот на еднократниот финансиски надомест изнесува до 6.000 денари, а пријавувањето е на www.digitalizirajse.mon.gov.mk, каде се одбира и начинот на кој ќе бидат доставени потребните документи и формулари .

Директорот на Државниот студентски центар- Скопје, Дарио Николовски, истакна дека студентските домови се подготвени да отворат во услови на пандемија, но со намлен капацитет.

„Очекувам поддршка и почитување на протоколите од страна на студентите, бидејќи се работи за заедничкото здравје на сите нас. Според протоколите во секоја соба во којашто има две легла ќе се сместува само по едно лице, а во собите со повеќе легла максимум до две лица. Исто така, мензите ќе работат под посебни протоколи, односно масите ќе бидат поставени на соодветно растојание и ќе биде дозволено седење на најмногу две лица на маса“, рече Николовски

Директорот истакна дека заедно со министерката Царовска е обезбедена донација од компанијата „Алкалоид“ во вредност од околу 5 милиони денари за сите студентски и училишни домови во државата, и со овие средства за дезинфекција се покрива скоро целата година.
Николовски најави стабилизирање на финансиската состојба на Државниот студентски центар –Скопје, но и нови инвестиции во студентските домови.