Од што се плаши сегашното раководство на МОК со отфрлањето на кандитурата на Александра Војнеска

0
96

Изборното Собрание на МОК што треба да се одржи утре би можело да се претвори во фарса откако актуелното раководство на Македонскиот Олимписки Комитет буквално во „пет до дванаесет“ реши да ја поништи кандидатурата на Александра Војнеска – Зикова. Токму Војнеска Зикова важеше за сериозен кандидат за наследник на Васил Тупурковски, за ривал во утрешната трка требаше да го има Даниел Димевски, но актуелното раководство на МОК реши да ја поништи кандидатурата на помалку од 24 часа пред одржувањето на толку очекуваното Собрание.

Управниот Одбор на МОК на денешниот состанок донел одлука за поништување врз оснува на заклучокот на УО дека кандидатот за претседател морал да има стаж од најмалку четири години како предводник на една спортска федерацијата (Војнеска Зикова една година е претседателка на Атлетската Федерација на Македонија, претходно беше потпретседателка во истата федерација). Проблемот е во тоа што не станува збор за точка од Статутот на МОК, што само по себе е симптоматично, бидејќи неколкудена по поднесената кандидатура, кога не беше регистриран никаков проблем, сега со заклучок на УО се дисквалификува еден од двајцата кандидати.

„Ова е крајно некоректно, класичен пример за нечисти игри од луѓето кои и сега го водат МОК. Собранието и гласањето течат согласно Статутот, заеднички заклучоци на група луѓе од УО не можат да бидат решавачки во вакви ситуации. Впрочем, пред четири години Тупурковски за ривал го имаше Атанас Николовски, кој немаше четири години како предводник на една спортска федерација“, порачуваат од групата на федерации кои отворено и даваат поддршка на Војнеска – Зикова.

Тие немаат намера да се откажат и правдата ќе ја бараат на утрешното Собрание на МОК, каде очигледно ќе се води жестокa битка за наследник на Тупурковски. За жал, секој речиси секој избор во спортските федерации се претвора во фарса, а исклучок нема да биде ниту Македонскиот Олимписки Комитет.