Охридскиот градоначалник со осуда за оштетувањето на споменикот во чест на загинатите бугарски туристи

0
59

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески упати јавна осуда поради оштетувањето на споменикот поставен во спомен на бугарските туристи кои ги загубија своите животи во потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро.

„Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните денови извршиле оштетување на споменикот ‘Солза на Роза’, кој беше поставен годинава по повод одбележувањето на единаесет годишнината од несреќата на бродот ‘Илинден’ во која загинаа 15 бугарски туристи“, се наведува во објавата на градоначалникот на социјалните мрежи.

💬Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните…

Posted by Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид on Петок, 27 ноември 2020

Тој воедно апелира до граѓаните да се воздржат од вандалско однесување и да покажат повисока свест за чување на јавните површини, споменици и објекти.

Бродот „Илинден“ потона на 200 метри од брегот, на 5 септември во 2009 година. На бродот имаше над 50 лица од Бугарија, кои патувале кон манастирот „Свети Наум“.

Вечерва и македонското Министерството за надворешни работи го осуди инцидентот.

„Министерството најостро го осудува вандалскиот акт на скрнавење на споменикот во Охрид. Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отклонат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија. Вратите на историскиот Охрид остануваат ширум отворени за сите туристи, а посебно се секогаш добредојдени нашите пријатели од соседна Бугарија“, се наведува во соопштението на македонското МНР.