Опасно е иднината да ни стане минато!

74

Колумна на Габриела Арсова:

Никако да почнеме да се занимаваме со реалноста. Суровата сегашност. Де во минатото, де во иднината, никакво фокусирање на моментот. Со што ли се не се занимаваме врзано со минатото и се во името на тоа да не ја изгубиме иднината?!? Важно? Сигурно да! Но уште поважно е дека сигурно има паметни, стручни, посветени експерти чија работа е да го решаваат минатото. Барем така би требало да биде. Но, минатото чудно и несфатливо се провлекува како општествена топ тема. И се тоа во името на иднината. Замислете! А моментов? А сегашноста? Не ли се однесуваме некако како се да ни е подредено, како мед и млеко да ни тече  и сега ни остана само уште минатото да го разрешиме?!?

А да, некои ќе речат дека без разјаснето и разбистрено минато нема иднина. Панично, дури хистерично се потенцира дека ако не го разрешиме минатото нема да имаме иднина. Не знам…Можеби. Но, најверојатно не е така! Дури се говори за славното минато, вакво или онакво, се размислува ли дека и секој божји ден исто така станува минато?

И така си тече ден по ден, година за година, деценија по деценија… Ќе успееме ли зад нас да оставиме минато достојно за почит? Погледнато од некоја временска дистанца овие децении веројатно ќе претставуваат едно обично празно множество. Или можеби не? Да не дојде време овој век да го обележи исчезнувањето на цел еден народ?

Минатото во име на иднината се врзува за иднина која веројатно веќе станува минато, а неизвесноста за тоа на каде оди светот, вклучително и Унијата кон која се стремиме е апсолутна. И да е извесна иднината, она што изгледа нам во оваа сегашност никако да ни стане јасно е дека Унијата е збир на еднакви меѓу себе кои сопствените проблеми пред се ги решаваат дома, а не кревајќи ги на ниво на Унијата. А ние? Како ние гледаме на Унијата? Ние со душа и срце чекаме некако да не примат за да можеме на долго и широко да ги анимираме со нашите проблеми внатре во државата, со соседите и пошироко. Е да. Ама не оди тоа така. И затоа љубезно се смешкаат и ни појаснуваат дека во блиска иднина сме неадекватни за тоа друштво.

А животот тече и оние кои не водат немаат никаква претстава дека грижејќи се за сегашноста, за моментот, зајакнувајќи и сплотувајќи се внатре, би станале помоќни кон надвор и веројатно попожелни онаму кај што сме тргнале. Ако сме тргнале. Очигледно ниту во минатото, ниту во сегашноста, а судејќи по развојот на настаните ниту во иднината нема да разбереме дека Унијата кон која се стремиме базира на принципи кои на доволно многу пратеници им се непознати во овој момент.  И да им ги наброите, колкумина би ги разбирале? Почуствувале? Верувам сомнежите ви се сериозни. И основано. Нема реални дејствија кои не водат кон достојни пред себе, праведни и солидарни за себе…

Време е за сериозни промени, зарем не?