Опозицијата бара оставка од Заев поради вчерашното интервју

0
75

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев поради ставовите изнесени во интервјуто за бугарската новинска агенција „Бгнес“.

Од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение велат дека Заев е срам за државата, а по изнесените антидржавни ставови, оставката е неминовен чекор.

„Нема Македонец шото не се срами од додворувањето на Заев кон бугарската влада на штета на македонските интереси. Зоран Заев ги продава македонскиот идентитет, јазик и историја. Зоран Заев се откажа од Гоце Делчев – црвената линија на македонскиот идентитет. Заев среде Скопје рече дека Бугарите биле ослободители во Втората светска војна и со тоа ги израмни македонските партизани со бандити. Зоран Заев се откажа и ја погази жртвата на Орце Николов, Раде Јовчевски – Корчагин, Стив Наумов, Вера Јоциќ, Борка Талески, Методија Андонов – Ченто,и плејада други знајни и незнајни јунаци, кои животот го положија за слободна Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата порача дека Заев не треба да чека народот да го смени, туку треба самиот веднаш да си даде оставка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера повика на протест за одбрана на црвените линии во преговорите со Бугарија, што ќе се одржи денеска во 18 часот од СЦ „Борис Трајковски“ до Владата. Протестот, поради запазување на здравјето поради корона-кризата, ќе биде со автомобили.