Општина Центар целосно ги дезинфицира основните училишта

0
53

Општина Центар, со цел да овозможи безбеден почеток на учебната година за најмалите ученици, изврши дезинфекција на сите осум општински основни училишта на својата територија.

Пред почетокот на учебната 2020/2021 година, Општина Центар ги презема сите превентивни мерки за безбеден почеток и отворање на училиштата за учениците што ќе посетуваат настава со физичко присуство од прво до трето одделение.

Со цел зголемување на безбедноста и почитување на превентивните мерки, овластена компанија, изврши темелна дезинфекција во внатрешноста и на надворешните делови на училиштата. Со дезинфекција се опфатени сите влезови и излези во училиштето, подовите, ходниците, скалите, тоалетите, просториите за вработените, помошните простории, како и сите работни површини каде што  учениците ќе имаат контакт при следење на наставата за време на училишниот престој.

Досега целосно се дезинфицирани основните училишта: „Димитар Миладинов“, „11 Октомври“, „Св. Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“, „Ј. Х. Песталоци“ и „Коле Неделковски“, а во текот на денешниот ден ќе завршат дезинфекционите активности во училиштата „Киро Глигоров“ и „Гоце Делчев“ и ќе се овозможи безбеден старт на учебната година на 1 октомври.

Општина Центар е целосно подготвена за почетокот на новата учебна година. Преземени се сите безбедносни и хигиенски мерки, во училиштата се обезбедени потребните дезинфекциони средства и бесконтактни топломери, училниците се адаптирани за почитување на потребното растојание, поставени се локатори и скалести обележувачи за движење на учениците и табли со инструкции. Наставниот кадар, стручните и административните служби се подготвени да ги применуваат пропишаните протоколи за безбедно одвивање на наставата со физичко присуство до трето одделение за учебната 2020/2021 година.

Исто така, училиштата се технички подготвени за реализација на онлајн настава за повисоките одделенија, а наставниците се соодветно обучени за примена и спроведување на наставата на националната платформа за образование.    

Апелираме до сите граѓани, родители и ученици доследно да ги почитуваат мерките предвидени од надлежните институции и да бидат одговорни за колективното јавно здравје, со цел зголемена заштита од коронавирусот.