Општина Центар е првата општина која поднесе мислење до МОН за физичко присуство на ученици

0
62

Денеска, Советот на Општина Центар ја одржа 10. вонредна седница.

Советниците расправаа и ги усвоија Предлог-мислењата за физичко присуство на учениците во четири основни општински училишта за учебната 2020/2021 година.

Врз основа на овој став, Општина Центар ќе поднесе Мислење до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, за одобрение и давање позитивно мислење од страна на Комисијата за образование за физичко присуство на учениците за учебната 2020/2021 година, согласно безбедносните протоколи за одвивање настава во основните училишта.

Центар е првата општина и единствена од Град Скопје, која презема иницијатива за одвивање на наставата со физичко присуство за учениците во учебната 2020/2021 година. Имајќи предвид дека основните училишта во Центар работат во една смена, истите се подготвени и располагаат со потребните  капацитети и услови за почитување на мерките и протоколите пропишани од страна на Владата на РСМ и Министерството за здравство.

Во барањето до Министерството за образование и наука, Општина Центар ќе бара одобрение и позитивно мислење за реализација на наставата со физичко присуство за учениците од шестите одделенија во основните училишта „Ј.Х.Песталоци“ и „Св. Кирил и Методиј“, заради изучување на предметна настава, додека во основните општински училишта  „Киро Глигоров“ и „Коле Неделковски“, комплетна реализација на наставата во сите одделенија.

Општина Центар е комплетно подготвена за почетокот на новата учебна година. Преземени се сите безбедносни и хигиенски мерки, училиштата се обезбедени со потребните дезинфекциони средства, училниците се адаптирани за почитување на потребното растојание, поставени се потребните локатори и скалести обележувачи за движење на учениците и воспитно-наставниот кадар е подготвен и обучен за примена на пропишаните протоколи за безбедно одвивање на наставата за учебната 2020/2021 година.