Највисоките партиски тела на ДУИ и СДСМ попладнево на седници ќе го разгледуваат коалицискиот договор што го постигнаа вчера Зоран Заев и Али Ахмети.
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Ахмети, свика седница на Централниот совет на ДУИ во 18 часот, а СДСМ вечерва во 20 часот ќе одржи седница на Централниот одбор.
Од двете партии најавија дека ќе бидат дадени изјави за медиумите по завршувањето на состаноците.
Вчера, Ахмети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, соопштија дека постигнале договор за нова Влада со полн мандат од четири години. Според договореното, Владата ќе ја предводи Заев, а во последните 100 дена ќе биде назначен премиер по предлог на ДУИ.
Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места, а ќе се укине и пржинската влада.
Како определби за следните 4 години беа посочени јакнење на економскиот стандард, борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа, како и прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен. Постои и коалициска согласност заштитата на животната средина.
Како што беше посочено по средбата на првите луѓе на СДСМ и ДУИ, во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останале нераспоредени во државните институции.